1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекарот не е веднаш лекар: признавање на странските дипломи

Пандели Пани/ Симе Недевски10 октомври 2012

Нов закон кој стапи во сила на 01.04.2012 треба да им помогне на мигрантите во Германија полесно да најдат работа во областа за која се квалификувани во матичната земја.

https://p.dw.com/p/16Ld6
Фотографија: picture alliance / Bildagentur-o

Германија бара квалификувани работници во многу области. Притоа се мисли не само на високо квалификувани академци, како лекари, инженери, компјутерски стручњаци или развивачи на софтвер, туку и квалификувани работници, како на пример: механичари, градежни работници или столари, медицински сестри и негуватели.

Кој ќе донесе диплома за образование од странство има добри шанси овде да најде работа во својата струка. Но, прво на доселениците во Германија треба да им бидат признаени нивните дипломи. Тоа значи дека дипломите се оценуваат во Германија, односно се проверувува дали тие соодвествуваат со германските дипломи.

Различни прописи

Со Законот на признавање на дипломите (Закон за подобрување на утврдувањето и признавањето на стекнати стручни квалификации во странство) секој кој изучил некое занимање или, пак, студирал во странство, има законско право да ја даде својата диплома на проверка во рок од три до четири месеци. Сепак, не постои обврска за автоматско признавање на квалификациите.

Покрај тоа, за различни професии или занимања важат различни прописи. Ова зависи од подподелбата на регулирани и нерегулирани професии, како и од прашањето - дали сојузната влада или поединечна покраина е одговорна за конкретната професија. Во принцип мигрантите мораат да аплицираат за признавање на дипломата во сојузната покраина во која веќе живеат или онаму каде што би требало да работат. За признавање на академски и стручни дипломи се одговорни различни органи.

Регулирани и нерегулирани професии

Кај регулираните професии, доселеникот кој својата диплома ја добил во странство, не смее да работи во Германија без претходно таа да му биде признаена од надлежен орган. Тука спаѓаат 60 професии, на пример лекар, психотерапевт, стоматолог, ветеринар, фармацевт, очен лекар, наставник, адвокат или нотар, како и негуватели во геријатрија, болничари, акушерки, физиотерапевти, пекари, бушачи на бунари, изведувачи на покриви и поставувачи на скелиња.

Universität
Фотографија: Fotolia/line-of-sight

Исто така постојат и дел професии кои се рагулирани со покраински закони, како што се, на пример, планинските и скијачките водичи во Баварија или струката воспитувач/воспитувачка која, пак, не е регулирана во сите покраини. Листа на сите професии кои се регулирани во Германија на сојузно ниво и во одделни покраини, може да се најде на интернет. Поголемиот број на германски професии, околу 350, сепак се сметаат за нерегулирани професии. Кај овие професии работодавачот сам може да одлучи дали да ангажира мигранти врз основа на странскиот сертификат или не. Но, и во овој случај предност е да се има сертификат на германски јазик за евалуација на странската диплома од страна на службите за признавање на дипломите во Германија. Во нерегулирани професии спаѓаат најмногу академските дипломи, како и занимањата во областа на индустриска механика, автомобилска мехатроника или електричари.

Како можат да се признаат дипломите?

За постапката за признавање на дипломите во Германија се одговорни 16 сојузни покраини. Во секоја покраина има различни служби задолжени за признавање на странски академски и стручни дипломи.
На интернет страницата berufliche-anerkennung.de има листа на надлежни органи, во зависност од покраината, со информации за локалните услови. Во подменито се селектира саканата професија и потоа се доаѓа до сајтот со корисни адреси, телефонски броеви и информации за одредена област. На сајтовите на секоја покраина има линкови со листи на официјални преведувачи, кои можат да ги преведат на германски јазик дипломите и другите поднесоци на барателите.

За професионално признавање на нерегулирани занаети, како и на индустриско-технички и комерцијални професии, на оваа страница се наведени релевантни локални занаетчиски комори, односно индустриските и трговски комори во секоја покраина поединечно.



За нерегулираните високообразовни дипломи, во кои спаѓаат најголем дел од дипломите од природни, хуманистички или општествени науки, признавањето не е задолжително. Барање за евалуација на дипломата може да се поднесе до централната канцеларија за образование во странство (ЗАБ).

Целосно или делумно признавање

Dokumente
Фотографија: Fotolia/PhotoSG

Кога нема значителни разлики меѓу странските и домашните квалификации, се добива целосно еквавилентно уверение. Ако органите утврдат дека постојат значителни разлики меѓу странската и соодветната германска квалификација, засегнатите мигранти можат да се дообразуваат за да ги надополнат недостатоците. На пример, преку мерките за доквалификација за односното занимање или понатамошни курсеви и испити на некој од германските универзитети за академците.

За постапката за утврдување и признавање на дипломата доселениците плаќаат такси. Цената зависи од правилниците на покраините за плаќање такси, односно на трговските комори и од тоа колку е комплексен процесот. Дополнителните трошоци за превод и легализирање на странските документи, како и за доквалификација, ги сноси подносителот на барањето. Ако биде признаена некоја професионална или универзитетска диплома од странство, тогаш тоа не води автоматски до издавање на дозвола за престој во Германија.

Сојузниот завод за миграција и бегалци има воспоставено специјална телефонска линија, на која повикувачот може да добие информации на германски и на англиски јазик за постапката и предусловите за добивање признание на дипломата. Телефонскиот број е +49 (0)30-1815-1111.