1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Левицата“ е државен непријател?

21 јули 2010

Партијата на Левицата во Германија со години е под надзор на тајните служби. Досие има целата партија, но и одделни нејзини пратеници во парламентот. Засегнатите, како Бодо Рамелов, се бранат.

https://p.dw.com/p/OQCk
Партијата на Левицата во Германија е под надзорФотографија: AP

Пред две години претседателот на Сојузната служба за заштита на Уставот, Хајнц Фром навести мало двоумење во врска со пропорционалноста на мерките кога е во прашање набљудувањето на Партијата на Левицата и опасноста што наводно произлегува од неа: „Ако е тоа толку малку и ако станува збор само за изолирани случаи, тогаш мора да се направи споредба со целокупната ситуација, дали тоа ја оправдува работата на една државна институција. Оваа проверка се прави континуирано.“

Левицата и натаму е под надзор

Wahlkampf in Thüringen Bodo Ramelow
Бодо Рамелов од Партијата на ЛевитеФотографија: picture-alliance/ dpa

Очигледно оттогаш ништо не се променило од аспект на заштитата на Уставот, оти Левицата и натаму е под надзор. По пресудата што ја донесе судот во Минстер, во февруари 2009 година, пратеникот од тириншкото покраинско собрание Бодо Рамелов веќе не смее да биде под надзор на тајните служби. Според неа, на владата и‘ се забранува да собира информации за тужителот. Рамелов го коментираше неговиот успех со доза на потсмев и сериозност: „Сигурно многу се плашат од опасноста од Левицата, штом се активира таква државна сила, за кај нас да контролираат се’ што има на интернет страниците или на летоците. Тоа е бесмислено и можеме без тоа. На оваа земја и‘ е попотребно со поголем капацитет да се занимава со навистина антидемократски структури.“

Се очекува историска пресуда

Petra Pau
Вицепретседателката на Бундестагот, Петра ПауФотографија: picture-alliance/ dpa

Притоа, Рамелов мисли пред се‘ на десниот екстремизам, против кој веќе одамна се ангажира вицепретседателката на германскиот Бундестаг, Петра Пау. Таа, како и Рамелов, е член на Партијата на Левицата. Со години поднесува тужби поради нејзиното досие при Службата за заштита на Уставот, кое има околу 600 страници, изјавува Пау: „Една од најзначајните забелешки гласи: Петра Пау во април 2006 година беше избрана за заменик претседател на Бундестагот. Тоа можеби им е сомнително на некои соработници на Службата за заштита на Уставот, но тоа не е доказ за моето непријателство кон Уставот. Овој извештај на Службата постојано го користи сојузниот министер за внатрешни работи, а делумно и неговите покраински колеги, како адут во политичката борба. Јас сметам дека тоа е перфидно.“

Се‘ уште не е донесена пресуда за случајот на Петра Пау, која бара нејзиното досие да биде уништено. Денеска (21.07.2010), судот за последен пат одлучува за тужбата на Бодо Рамелов. Каква и да биде конечната одлука на судијата, тоа ќе претставува историска пресуда.

Автор: Марсел Фирстенау / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска