1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лафонтен на “понеделничките демонстрации"

31 август 2004

“Понеделничките демонстрации“ против реформите на германската влада за пазарот на работна сила од вчера добија нов карактер

https://p.dw.com/p/AcLf
Лафонтен меѓу демонстрантите
Лафонтен меѓу демонстрантитеФотографија: AP

Наспроти поделените мислења на организаторите на демонстрациите, вчера пред повеќе од 20.000 демонстранти во Лајпциг зборуваше поранешниот претседател на социјалдемократската партија и министер за финансии, Оскар Лафонтен.

“Овој повик за слобода и демократија: ние сме народот не беше само протест против еднопартиската диктатура на поранешната комунистичка партија на Источна Германија. Тој е еднакво така соодветен и кога зад грбот на народот се спроведуваат социјални реформи според принципот: оние добростоечките се растоваруваат, а сиромашните се оптоваруваат. Тогаш морате да кажете: ние сме народот!“ - нагласи Оскар Лафонтен, кој како прв угледен политичар им се обрати на учесниците на социјалните протести во Источна Германија. Тој ја искористи оваа прилика да упати и остра критика на адреса на владеачката партија, но и на опозицијата. На обете страни тој им префрли дека ги залажуваат луѓето. Програмскиот пакет наречен Агенда 2010 на канцеларот Герхард Шредер значи во основа разградување на заштитата од отпуштање од работа и крај на подеднаквото учество на работодавачите и работниците во финансирањето на социјалниот систем во земјата. Кој тоа сака да го постигне, тој мора јасно и да застане зад таквата намера, а не да се крие зад некои лажни поими, порача поранешниот шеф на СПД. Тој побара од владата да се откаже од планираното намалување на даночната стапка за оние со најголеми примања во Германија.

Раководството на социјалдемократската партија остро го криткуваше Лафонтен уште пред настапот и побара од него да манифестира умереност. Напротив предупредувањата, тој меѓутоа потполно се внесе во улогата на народен трибун, што наиде на одлични реакции кај демонстрантите:

“Неговите искажувања погодија во сржта на работите.“

“Многу ми се допадна и сметам дека тој успеа да се соживее со условите на живот овде на Истокот и дека го погоди расположението на народот.“

За Германците од источните покраини настапот на еден политичар од Западот е добродојдена потврда за исправноста на нивниот протест. Тој пак ги повика да не дозволат да бидат изиграни по основа на разликувањето меѓу источните и западни Германци:

“Поделбата на нашиот народ не оди по линијата меѓу Исток и Запад, туку меѓу сиромашни и богати. Браќа на невработеноите од Истокот се невработените од Западот. А сестри на самохраните мајки, кои бараат работа на Истокот, се истите мајки од Западот. Не се впуштајте во оваа кобна дискусија, тоа е мојата молба до вас!“