Лазовски: кошот во Каракас виновен за неефикасноста
11 јули 2012Македонската кошаркарска репрезентација не успеа да се пласира на Олимписките игри во Лондон, но на квалификацискиот турнир во Каракас (Венецуела) го даде максимумот. „Одигравме три одлични мечеви, на кои за жал постигнавме само една победа. За една година направивме големи успеси, но не сме подготвени како држава тоа да го апсорбираме“, изјави селекторот на македонските кошаркари Марјан Лазовски.
Тој нагласи дека во салата во Каракас едниот кош имал чудна конструкција (чудно навалување) и бил причина за неефикасноста во полувремето кога нашите напаѓале на таа страна.
„Конструкцијата беше навалена, имаше реакции од сите репрезентации вклучително и од нашата, но добивавме одговор дека „тоа е тоа“ и дека секоја репрезентација по едно полувреме игра на тој кош“, рече Лазовски.
Претседателот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Даниел Димевски на прес-конференцијата соопшти дека нема да има промени во кошаркарската репрезентација и доколку има промени тие ќе бидат само на подобро. Со ова тој стави крај на шпекулациите дека по неуспешниот обид во Каракас репрезентацијата да избори пласман на Олимписките игри, поголем број од репрезентативците ќе се простат од националниот тим.
„Оваа репрезентација ќе трае, клучните играчи кои што беа и во Литванија и во Венецуела ќе бидат и во Словенија, нема промена“, рече Димевски.