1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ММФ прогнозира

16 декември 2011

Прогнозата на светската економија е прилично песимистичка и ниту една економија во светот нема да биде имуна на кризата која во моментов ескалира, оцени извршната директорка на ММФ Кристин Лагард, на форум во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/13Tya
Кристин ЛагардФотографија: dapd

Според Кристин Лагард, кризата не може да ја реши само една група земји со примена на одредени мерки, туку таа може да се реши со ангажман на сите земји и региони во светот. Лагард оцени дека светот може да се соочи со истите закани како тие што го донесоа до големата депресија во 30-тите години на минатиот век, ако некои прашања не се решаваат одлучно.

„Нема економија во светот, без разлика дали е во земјите со ниски приходи, пазарите со брз развој, земјите со средни приходи или многу напредните економии, која ќе биде имуна на кризата, која што не само што трае, туку и се интензивира“, изјави Лагард на конференцијата во Стејт департментот.

Лагард смета и дека економската криза се интензивира и дека напорите за борба против неа треба да почнат од земјите во еврозоната. Сепак, таа нагласи дека Европа не може сама да ги реши своите проблеми и оти сите земји мораат да работат заедно, со помош на ММФ, на решавањето на проблемите на тешко задолжените европски земји. Притоа, Лагард потсети на нешто што целиот свет го признава – дека постои голема поврзаност на сите економии.

„Треба да се соочиме со проблемите, а не да одбиваме да признаеме дека тие постојат, да ја прифатиме реалноста и потоа да ја решаваме“, заклучи извршната директорка на Меѓународниот монетарен фон, Кристин Лагард.

Автор: Александар Методијев / бета / миа

Редактор: