1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кјуриозити ќе бара живот на Марс

Борис Георгиевски/дпа6 август 2012

Американската вселенска агенција утрово успеа да го реализира она што досега изгледаше невозможно. На планетата Марс слета летало кое го пренесуваше возилото Кјуриозити. Сондата има задача да ја испита црвената планета.

https://p.dw.com/p/15kSV
Фотографија: DW

Сондата Кјуриозити утрово успешно слета на Марс. Откако мина пат од 250 милиони километри од земјата, најголемиот проблем за Кјуриозити всушност беше слетувањето на Марс поради атмосферата на оваа планета. НАСА соопшти дека возилото успешно слетало како „пајак на мрежа“ со досега неиспробана технологија.

Во лабораторијата на НАСА во Калифорнија утрово се славеше големиот подвиг, особено откако минаа ткн. „седум минути терор“ како што научниците го нарекуваа периодот на исчекување кога возилото требаше да биде спуштено на површината на далечната планета.

NASA Kontrollzentrum Mars Landung Roboter Curiosity
Оваа фотографија е од НАСА и претставува една од првите слики направени од едно од тркалата на Кјуриозити, откако возилото успешно слета на Марс.Фотографија: Reuters

Откако навлезе во атмосферата на Марс со 20 илјади километри на час, леталото забави користејќи падобран и специјални мотори. Потоа следуваше деликатниот маневар во кој од вселенскиот брод беше испуштено возилото.

Кјуриозити веднаш по слетувањето ги испрати првите снимки од површината на планетата. Возилото е опремено со еден тон научна опрема, вклучитечно и ласер со кој ќе може да го утврдува составот на карпите на Марс.

Мисијата на Кјуриозити започна во ноември минатата година, а целта на научниците е преку него да утврдат дали условите на Марс воопшто некогаш дозволувале да се развие живот на планетата. Мисијата на возилото ќе трае една марсовска, односно околу две земјини години. Ќе се испитува кратерот Гејл, каде освен вода, научниците се надеваат дека ќе пронајдат и траги на јаглерод. Ќе се испитуваат минералите на површината од кои треба да се дознае какви биле условите на планетата пред повеќе милиони години.

NASA Kontrollzentrum Mars Landung Roboter Curiosity
Славење во контролниот центар на НАСАФотографија: Reuters

На повеќе места во САД, меѓу нив и на Тајмс Сквер во Њујорк се собраа стотици љубители на проектот кои во живо го следеа и го поздравија со овации слетувањето.

NASA Marsmission Rover Curiosity
Возилото треба да испита дали некогаш на планетата постоеле услови за развој на животФотографија: AP/NASA

Проектот се сметаше за многу ризичен затоа што две третини од мисиите организирани кон Марс досега пропаднаа поради проблемите при влезот во атмосферата на црвената планета. И покрај тоа, научниците од НАСА беа убедени дека овој проект ќе успее па вложија цели 2,5 милијарди долари во подготовката и испраќањето на Кјуриозити во вселената.

По слетувањето на Кјуриозити прв се огласи американскиот претседател Барак Обама кој го означи слетувањето за „историски момент кој означува голем чекор напред во истражувањето на вселената“.