1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кушнер објаснува, Лавров предупредува

Кристина Нагел19 септември 2007

Додека францускиот министер за надворешни работи Кушнер ги објаснува своите изјави во врска со Иран, дека мора да се биде подготвен и на најлошото, неговиот руски колега Лавров јасно го потенцира ставот на Москва

https://p.dw.com/p/BhN2
Бернар КушнерФотографија: AP

Русија нема да отстапи од нејзината досегашна надворешна политика кон Иран, која е пријателска. Тоа рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, вчера го стави јасно до знаење во Москва. Тој пред новинарите изјави дека Иран ги исполнува сите барања на Меѓународната агенција за атомска енергија во однос на атомската програма. Затоа, тој не гледа потреба од нови поостри санкции против Иран што би ги вовел Советот за безбедност: ”Како што знаете, САД и ЕУ сакаат да воведат свои, поостри санкции против Иран. Тоа се разбира предизвикува прашања. Ако се договориме за заедничка соработка и ако тој договор се претвори во заеднички заклучок во Советот за безбедност, тогаш мора да се постави прашањето какви цели се следат со воведување еднострани санкции?”

Лавров веќе претходно реагираше со загриженост на изјавите на неговиот француски колега Бернар Кушнер, кој за време на викендот за француската телевизија изјави дека е потребно да се биде подготвен, во најлош случај, и за војна против Иран. Во Москва, францускиот министер за надворешни работи, стави јасно до знаење: ”Додадов дека најлошото што би можело да претстои е насилство. На прашањето што би било најлошо, одговорив војна. Ќе сториме се‘ за да спречиме војна. Тоа го реков јасно. Мојата втора реченица беше, не знам дали некој ја цитираше, мора да преговараме, преговараме, преговараме – без задршки, без страв дури и тогаш кога знаеме дека се‘ оди лошо.”

Russland Belgien EU Außenminister Sergej Lawrow
Сергеј ЛавровФотографија: AP

Наспроти тоа, Лавров е сигурен дека и натаму се размислува за воени акции против Иран: ”Вознемирени сме поради тоа што се‘ почесто се размислува за почеток на воена акција против Иран. Убедени сме дека ниту еден од актуелните проблеми не може да се реши по воен пат. Тоа се однесува и на нуклеарната програма на Иран.”

Според рускиот министер за надворешни работи, соработката меѓу Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија не смее да биде попречувана. Со страничен удар за американската политика, Лавров рече – на примерот на Ирак може да се види каде води тоа кога се игнорира мислењето на експертите за нуклеарна енергија.