Куба сака да ја укине двојната валута
26 октомври 2013Парите се пари, но не и во Куба. Овде туристите, на пример, кога купуваат сувенири или се во ресторан, плаќаат со своја валута, таканаречените „туристички пезоси“. Туристичките пезоси се најважниот извор на девизи за социјалистичката држава.
Проблемот е што Кубанците мораат да плаќаат со нормални пезоси, кои пак имаат само мал дел од вредноста на туристичката верзија на валутата. Со нив граѓание на Куба можат да купуваат само во продавници каде понудата е ограничена - едноставни, евтини производи. Затоа Кубанците ја поддржуваат реформата која е во план.
„Со една валута може да се купува без претходно да мора да се разменуваат пари. Со една валута може да се купи се‘“, вели една жена во Хавана.
Двојната валута ја разединува земјата. Едни мораат да се задоволат со државни плати од околу 15 евра месечно, други, пак, добиваат девизи од роднините од странство или директно од туристите. Еден таксист често заработува повеќе отколку лекар во државна служба. Владата сака надминување на ваквата поделеност. Претседателот Раул Кастро констатираше:
„Феноменот на двојна валута е една од најголемите пречки за национален напредок.“
Одбрани државни претпријатија наводно веќе ја тестираат новата валута. Нејзината вредност, како што се вели, е во средина меѓу домашниот и туристичкиот пезос.