Крводарителството опстојува врз хумана основа
17 март 2010Глигор Новачевски од Црвениот крст на Македонија одговорен за крводарителството, вели: „За 2009-та година остваривме 53.700 единици крв. Планските обврски се исполнети со 98 отсто. Тоа е висок процент на остварување. Во Македонија имаме околу 30 илјади активни крводарители, од кои повеќе од 10 проценти се млади крводарители и крводарители по првпат. Најуспешна е општината Виница: во последниве 30 години таа е 28 пати на првото место.“
Д-р Горан Андонов од Републичкиот завод за трансфузиологија од Скопје дополнува: „Црвениот крст на Македонија и Републичкиот завод за трансфузиологија во Скопје соработуваат многу добро, се координираат и успеваат да го задржат бројот на крводарувањата. Не беше загрозен животот на ниеден пациент во нашата држава, поради недостиг на крв и крвни состојки.“
Службата за трансфузија на крв во тетовската клиничка болница бележи значителни резултати, се испраќа крв и за потребите на тетовските пациенти на клиниките во Скопје. Но, сепак, началникот на оваа служба, докторката Емилија Кочовска изнесува: „Во 2009-та година беа реализирани 2058 крводарувања, што не задоволува се’ уште, според бројот на населението. Ние имаме се’ уште повеќе од илјада фамилијарни крводарувања.“
„Социо–економската криза и транзицијата не влијаат врз крводарувањата“
Што вели таа околу влијанието на транзиција и социо–економската криза врз крводарителството?: „И покрај сите социо - економски состојби во градови во Источна Македонија, и кај нас, колку само фирми пропаднаа, сепак, крводарителството опстојува и натаму врз хумана основа, врз доброволност и неплатеност.“
Еден од неколкуте рекордери на хуманоста во Македонија Ацо Алексовски од Скопје, кој досега ја дарувал дури 159 пати течноста што значи живот, е категоричен во врска состојбите во земјата: „Мало државиче сме, ама големо според хуманоста!“
Во последниве неколку години во македонските печатени и други медиуми повремено се објавуваа информации за наводни случаи стечајци и други луѓе без работа да ја продаваат својата крв за пари. Николчев Крстев, повеќекратен крводарител од Скопје, тврди: „Крвта не може да се откупува од кого било. Тоа сигурно некои од болните ќе посакаат да се купува и кај нас, како во Бугарија. Но, во Македонија не постои такво нешто: крводарителството функционира исклучиво, исклучиво врз хумана основа.“
„Да им се вратат бенефициите на крводарителите“
Крстев посочува и на еден од проблемите со кои се соочуваат дарителите на драгоцената течност во Македонија: „Се отворија многу приватни фирми, во кои голем број крводарители наидуваат на проблеми околу користењето на двата слободни дена, кои им следуваат по давањето на нивната крв.“
Ацо Алексов укажува и на потребата да им се врати на крводарителите уште една поранешна бенефиција, која ја имаа: „За лековите – да биде пак како што беше порано. Да имаме право да ги земаме како досега.“ Сепак, овие луѓе остануваат скромни во својата хуманост: за нив е најважно сознанието дека ги спасуваат со својата крв животите на луѓето. Без оглед кои се.
Автор: Свето Тоевски
Редактор: Александра Трајковска