1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе ја запре Исламска држава?

Биргит Свенсон / Е.М. Фиданоска29 јуни 2015

Една година по прогласувањето калифат во Сирија и Ирак, Исламска држава е посилна од кога и да е досега. И покрај одделните успеси, на мултинационалната алијанса не и‘ успева значително да ги потисне џихадистите.

https://p.dw.com/p/1FoiS
Фотографија: Reuters

Исламска држава (ИД) ја одбележува првата годишнина од прогласувањето на калифатот на овој начин: борците обесија глава од убиен на фабричка порта во фирма за гас во францускиот град Лион, во тунискиот град Сус пукаа врз туристи на плажа, а во Кувајт разнесоа една шиитска џамија. Три терористички напади на три континенти во рок од само два часа. Пораката е јасна: ние сме насекаде и можеме во секое време да извршиме целни напади.

Во времето кога пред една година Абу Бакр ал-Багдади прогласи калифат и себеси се самопрогласи за калиф Ибрахим, борците на Исламска држава се‘ уште беа концентрирани на Ирак и Сирија. Со брзина на молња под своја контрола освоија големи делови на северен Ирак. Двомилионскиот град Мосул притоа беше најголем плен. Заедно со Рака, упориште на ИД во Сирија, се создаде творба која беше проширувана и надградувана и натаму.

Џихадистите на курс на експанзија

Денес картата на Средниот Исток е поинаква: ИД е поставена како дебела грутка меѓу регионите во Сирија каде се водат крвави борби и се‘ уште нестабилниот Ирак. А вирусот на џихадистичката држава се пренесува и натаму. Уште минатиот октомври египетскиот полуостров Синај се прогласи за калифат, а неколку дена потоа кон тоа се приклучија и делови од Либија. Наспроти сите закани за пропаѓање, ИД една година потоа е и натаму на курс на експанзија и посилна е од кога и да е порано.

Abu Bakr Al Bagdadi Videostill 05.07.2014
Самопрогласениот калиф Абу Бакр ал-БагдадиФотографија: picture alliance/dpa

„Сосема ја потценивме“, признава ирачкиот пратеник Митал ал-Алуси. Пред се‘, никој не сметаше со тоа дека толку многу странци ќе и‘ се приклучат на ИД и ќе се борат на нејзина страна. „Никогаш немаше да веруваме какви димензии тоа може да добие“, вели Алуси. Тој нагласува дека сите знаеле дека незадоволството било големо и дека фронот против поранешниот премиер Нури ал-Малики се зголемувал. Алуси знаел и за поддржувачите кои ИД ги имала за време на походот во северен Ирак: членови на партијата на поранешниот диктатор Садам Хусеин и поранешни офицери во неговата армија. Тие сакале со помош на џихадистите да му се одмаздат на Нури ал-Малики, кој беше на власт до 2014 година. Но, во меѓувреме тие се малцинство. Затоа се обидуваат да и‘ завртат грб на ИД и да се приближат до актуелната влада на Хајдар ал-Абади. Но, вели Алуси, „владата одбива разговори“.

По поразите, повторно зајакнување

На меѓународно ниво во меѓувреме неколку десетици нации се собраа во сојуз за да ги потиснат, според проценките, 35-те илјади џихадисти на калифатот. Американските бомбардери вршат напади и дневно „голтаат“ по 7,5 милиони долари. Во акција има и европско и саудиско оружје. На копно против „божјите борци“ се борат ирачката армија, шиитските милиции кои имаат поддршка на Иран, сириски бунтовници и курдски единици. Заеднички тие на исламистите им нанесоа пораз во сириско-курдскиот град Кобане и во ирачкиот град Тикрит. Но, во изминатите недели ИД си ја поврати својата сила.

Зошто не успеваат обидите за целосно потиснување на Исламска држава? Вообичаениот одговор е дека ИД е еден екстремно тежок, мобилен противник, кој владее со конвенционално водење војна, герилска борба, тероризам и пропаганда. Тоа го вели и бригадниот генерал Изадин Садус. Неговата командна централа се наоѓа на ритчињата над Башика, на околу 80 километри северозападно од Ербил. Од почетокот на август минатата година, се‘ што се наоѓа под синџирот ритчиња е регион на калифат. Претходно таму живееја пред се‘ ирачки етнички групи. Заедно живееја Курди, Арапи, Туркменци, Језиди, Асиријци и Шабаци. Сега таму има речиси исклучиво џихадисти.

Кога ИД од Мосул навлезе во подрачјата на Курдите, пешмерга-борците се повлекоа, а со нив и жителите од градовите. „Не бевме доволно подготвени и немавме доволно оружје“, вели бригадниот генерал Садус. Тоа сега ќе се промени. Со германско оружје и меѓународни инструктори пешмерга-борците секојдневно се подобруваат. Сепак, соодносот и натаму е нееднаков.

Karte IS Irak Syrien 20.05.2015 Deutsch
ИД во Ирак и Сирија контролира регионт од околу 70.000 квадратни километри

Слаб противник на ИД

За слабиот биланс во борбата против ИД има и друга причина. Исламска држава е онолку силна, колку што тоа и‘ го дозволуваат нејзините противници. „Теророт ќе го победиме само ако му ја одземеме подлогата“, напиша Навид Кермани, Иранец кој живее во Германија, во неговата книга „Меѓу Куран и Кафка“, која неодамна излезе од печат. Особена одговорност притоа носат оние во чие име се врши насилство.

Во регионот слабо се чувствува ваква одговорност. Поради експлоатацијата, понижувањата, своеволието и војните на авторитарните владетели, со децении раснат трауматизирани генерации, подготвени на насилство. Јавни погубувања, обезглавувања, каменувања и сечење раце не се само пракса на државно казнување во калифатот, туку и во Саудиска Арабија, Иран и Ирак во времето на Садам Хусеин.

Irak Bundeswehr Peschmerga-Ausbildung
Пешмерга-борците ги обучуваат и 80 војници на БундесверотФотографија: picture-alliance/dpa/J. Kuhlmann

„Откако Садам го нема, имаме терор“, велат Фоад и Ибрахим. „Прво Американците апсеа и измачуваа, потоа Ал Каеда, а сега ИД.“ Двајцата млади Ирачани не сакаат да се враќаат во армија, не сакаат веќе да се борат за земја која де факто веќе ја нема. Тие ги презираат политичарите кои мислат само на себе, постојано се караат и си ги полнат џебовите со пари. И не сакаат да си го остават животот во војната преку посредници меѓу шиитската регионална сила Иран и сунитска Саудиска Арабија. Фоад е шиит, Ибрахим е сунит. Сега двајцата сакаат во Европа.