1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој стои зад тензиите во Центар?

Костадин Делимитов11 јуни 2013

Советот на општина Центар заседаваше до утринава, но не донесе одлука околу измени на деталниот урбанистички план. Дел од експертите предупредуваат-протестите за одбрана на црквата наликуваат на партиски диригиран собир.

https://p.dw.com/p/18nQA
Фотографија: Makfax

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска (11.06) требаше лично да го уверува Архиепископот на Македонската Православна Црква, г.г. Стефан дека нема какви било планови за запирање или уривање на црквата Свети Константин и Елена. Но, средбата денеска е откажана, веројатно поради смртта на владиката Кирил. До раните утрински часови во општината под силно полициско обезбедување заседаваше советот по точките од усвоениот дневен ред,

„Градоначалникот Жерновски со полна одговорност тврди дека сите проекти што се започнати во општина Центар, меѓу кои е и црквата Свети Константин и Елена ќе бидат завршени, а оние што се планирани, но не и започнати со градење, ќе се запрат и ќе бидат предмет на ревизија. Најодговорно, не постојат такви намери, а зад сето ова што се случуваше вчера и во изминативе денови пред општината стојат задкулисни игри и изманипулирани граѓани што не само што не се жители на општина Центар, туку добар дел од нив не се ниту од главниот град“, изјавија за Дојче веле доцна синоќа од кабинетот на Жерновски.

Mazedonien Kirche Hl. Konstantin und Elena in Skopje
Црквата Свети Константин и Елена е во изградбаФотографија: Makfax

Партиски диригирани протести

Пред и околу општината од синоќа е мирно. Искршените прозорци на бараките, пожолтени од стотици фрлени јајца, сведочат за вчерашните протести на револтираните граѓани кои само благодарение на интервенцијата на полицијата не прераснаа во посериозни инциденти. Освен материјална штета, во налетот на револтираната маса полесно беа повредени и две лица. Експертите се загрижени и предупредуваат од евентуални несакани последици доколку не дојде до смирување на страстите. Начинот на кој се одвиваа протестите, според социологот Илија Ацески, повеќе наликува на партиски диригиран собир, отколку спонтано собрана маса на луѓе во знак на револт:

„Овде не можам да препознаам спонтаност, граѓани кои се собрале да протестираат не се агресивни и не знам дали тие кршат, а и полицијата не може да реагира на начинот на кој што постапи. Мислам дека она што ни се случува се појави кои се длабоко партиски диригирани. Посебно во последниве години партиите ја преземаа улогата на граѓанското општество, што сметам дека е погубно за демократијата. Нема граѓани, туку само партиски поданици. Мислам дека влегуваме во една фаза во која е многу тешко неутрално да се разберат критиките насочени кон ваквите појави. Овде партиите изигруваат невладини организации, тоа има потоа своја цена која може да биде страшна. Режијата е многу опасна, ако се знае дека Жерновски вели дека нема да руши, туку само сака да направи ревизија на некои од плановите. Како што можам да забележам, тој само сака да даде до знаење дека работите повеќе не можат да се прават на начин како што се правеле досега и дека сега некој друг владее. Непотребно во целата работа се вмешаа и попови, фрчат анатеми, тоа не е нивна работа“, предупредува Ацески.

Mazedonien Bürgerproteste in Skopje
Граѓанска иницијатива или партиска?Фотографија: Makfax

Нема причина за приведувања

Од МВР велат дека засега немало потреба за посериозни интервенции и приведување на лица:

„Нема повредени, а засега нема ниту еден приведен. Ние го осудуваме насилството, но не можеме да забраниме јавен собир за изразување на револт. Доколку добиеме пријава ќе постапиме по неа, но досега немаме регистрирано посериозен инцидент“, изјави за Дојче веле портпаролот на МВР Иво Котевски.

Протестите на граѓаните предводени од граѓанската иницијатива Веритас бараат да се повлече расправата околу предлогот за укинување на деталниот урбанистички план за „Малиот ринг“ во кој е предвидена и изградбата на црквата што беше и причина за протестите.