1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Iran Saudi-Arabien

14 октомври 2011

Наводниот ирански заговор за атентат врз саудискиот амбасадор во САД предизвика големи бранувања на светската политичка сцена. Тоа дополнително ги влоши односите на Иран со САД, но и со нивниот партнер Саудиска Арабија.

https://p.dw.com/p/12rvt
Фотографија: DW Montage

Во Вашингтон деновиве врие по откриениот ирански заговор за атентат врз амбасадорот на Саудиска Арабија во земјата. Овој политички вител е тесно поврзан и со состојбите во Персискиот залив. Таму, односите меѓу мнозински шиитскиот Иран и сунитската Саудиска Арабија се веќе подолго време затегнати. Причините можат да се најдат во борбата за превласт, но и во религијата.

„Земјите од Заливот се чувствуваат загрозени од Иран“, вели Мердад Консари од Центарот за арапски и ирански студии во Лондон. „Иран постојано се обидува да го инструментализира шиитското малцинство и да предизвика немири во заливските земји“.

Регионални ривали

Уште од Исламската револуција во 1979 година, Иран и Саудиска Арабија се во судир околу геостратешката превласт во регионот. Основањето на Советот за соработка во заливот, во кој покрај Саудиска Арабија се уште и Кувајт, Катар, Бахреин, Обединетите арапски емирати и Оман, често се смета за директен одговор на револуцијата во Иран. Преку него, саудиската монархија од 1981 година наваму го зголемува своето влијание, бидејќи сунитското кралство има многу поразлични интереси од шиитските имами во Иран, и покрај тоа што во крајна линија се се’ сведува на моќ и влијание.

Gipfel der Golfstaaten in Kuwait
Самит на заливските земји во КувајтФотографија: AP

Тоа можеше да се види и во спротивставените реакции на Иран и на Саудиска Арабија во однос на т.н. арапска пролет. За разлика од саудиската монархија која им даваше поддршка на етаблираните системи во арапскиот свет, Иран им даде отворена поддршка на револуциите во Тунис и Египет. Техеран ја оцени промената на режимите како „исламска револуција“, притоа алудирајќи на сопствената историја.

Непријателот на мојот непријател е мој пријател

Особено внимание, режимот на имамите му посвети на својот сосед - Бахреин. Населението во оваа земја е мнозинско шиитско, но на власт е сунитско семејство. Додека во Бахреин протестираа стотици илјади луѓе, иранското раководство жестоко го критикуваше Западот поради тоа што не му дава поддршка на демократското движење. Техеран гласно бараше влада на мнозинството во Бахреин, или со други зборови шиитска влада.

Остриот судир меѓу шиитите и сунитите ја предизвика интервенцијата на Саудиска Арабија во март годинава. Целта не беше само заштита на сунитската монархија во Бахреин, туку и ставање рампа за иранското влијание во тој дел од Заливот. Притоа, Саудијците добија отворена поддршка од САД, нивните најблиски сојузници.

Иранско-сирискиот сојуз од интерес

Потоа Техеран побара сојузници на друго место.

„Иран ги поддржува Сирија, шиитскиот бунт во Бахреин и шиитското малцинство во Саудиска Арабија“, вели новинарот и експерт за Иран, Али Садрзадех. Сирија се смета за највлијателен сојузник на Иран во арапскиот свет. Тоа е и причината поради која иранските медиуми, за разлика од случувањата во Бахреин, воопшто не информираат за демократското движење во Сирија.

Syrien Protest vor EU Gebäude in Damaskus
Протести во ДамаскФотографија: picture alliance/dpa

За разлика од Саудиска Арабија, која тесно соработува со САД, Вашингтон се смета за непријател во Техеран. И покрај тоа, германскиот експерт за Блискиот исток Фолкер Пертес смета дека е малку веројатно оти Иран навистина го организирал заговорот против саудискиот амбасадор.

„Тоа би значело дека Иран се одлучил на ескалација на односите со САД, нешто што режимот го избегнуваше во изминатите 30 години“, изјави Пертес.

Од друга страна, американската администрација уште во времето на Џорџ Буш го прогласи Иран за дел од „оската на злото“ и му наметна меѓународни санкции, поради сомневањата дека развива сопствена нуклеарна програма.

Доколку сомнежите дека Иран го организирал заговорот во Вашингтон се покажат точни, тоа нема да има последици само врз Блискиот исток, туку и врз светската политика воопшто.

Автор: Ане Алмелинг/Нуриан Шабнам/БГ

Редактор: