1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој би се радувал на повторна победа на Меркел?

С. Соколу/Ј. Пападимитриу/Р. Романиец/А. Методијев27 август 2013

Какви се очекувањата од германските избори во странство? Во Грција и Турција малкумина би се радувале на третиот мандат на Ангела Меркел. Германската канцеларка е посебно омилена во Полска, и тоа не само поради дедо и’

https://p.dw.com/p/19WKE
Фотографија: Reuters

Во Турција речиси никој не навива за Ангела Меркел и актуелната германска влада. „Германската влада има водечка улога во ЕУ, кога станува збор за отфрлањето на турското членство во Унијата“, вели за Дојче веле политикологот Емре Генен од Европскиот институт на Универзитетот Билги во Истанбул. Затоа, за бројни Турци и за владата во Анкара Ангела Меркел стана симбол за ЕУ која го одбива членството на Турција и поради тоа е непопуларна.

За време на протестите во и околу паркот Гези во Истанбул се разменија остри зборови меѓу Берлин и Анкара. Ангела Меркел го критикуваше постапувањето на полицијата кон демонстрантите како „премногу остро“, на што турскиот министер за европски прашања Егемен Багиш одговори: „Доголку госпоѓата Меркел бара тема за да поентира на внатрешно-политички план, тогаш тоа не треба да биде Турција“.

Генерално гледано, постојат само две причини поради кои турската јавност се интересира за парламентарните избори во Германија, вели политикологот Генен, а тоа „е дискусијата за турскиот прием во ЕУ и големиот број турски мигранти кои живеат во Германија“.

Emre Gönen
Емре Генен, политиколог од Европскиот институт на Универзитетот Билги во ИстанбулФотографија: Senada Sokollu

„Освен овие теми, речиси и да нема интерес за германската политика. Турците во моментов се соочуваат со други внатрешни и надворешно-политички конфликти, како што се демонстрациите во паркот Гези и конфликтот во Сирија. Околу половина милион Сиријци се бегалци во Турција“, вели политикологот Генен.

Освен тоа, турските експерти не очекуваат значителни промени во Германија, дури и да се промени односот на сили во Бундестагот.

„Се чини дека Ангела Меркел е доминантна личност дури и во коалицијата“, вели Фатма Јилмаз-Елмас, политиколог во Центарот за европски студии. Таа вели дека освен тоа не постои никој ниту внатре ниту надвор од Германија, кој би можел да влијае врз Ангела Меркел да го промени својот став во однос на одбивањето за прием на Турција во ЕУ. Фатма Јилмаз-Елмас смета дека би можело да дојде само до мали промени за Турците кои живеат во Германија и тоа доколку, на пример, дојде до коалиција со Зелените. „Зелените се залагаат за двојно – германско-турско државјанство, што би бил позитивен развој на настаните“, додава таа.

Грчка изборна треска во Германија

Deutschland Wahlplakate SPD
Бледа кампања на СПДФотографија: Reuters

Додека германските парламентарни избори не претставуваат посебно важна тема во Турција, во Грција доминираат наслови како оној објавен во весникот „Та Неа“ „Грчка изборна треска во Германија“ или, пак, насловот „Жестока предизборна кампања во Германија со грчка заднина“, објавен во весникот „То Вима“. Авторите на овие текстови сметаат дека во германската предизборна кампања се прави обид за освојување гласови со дискусија за третиот пакет помош за Грција и со критики за оваа земја.

Генерално, расположението во Грција во очи на германските парламентарни избори е поделено, вели Тасос Цакироглу, експерт на атинскиот „Весник на уредниците“.

„Едни сметаат дека, независно од исходот на изборите, би можело да дојде до тоа отписот на долговите повеќе да не биде табу“, вели Цакироглу. Според него, таквиот курс би бил можен дури откако ќе биде јасно кој победил на изборите, бидејќи тоа за многу германски гласачи е непопуларен потег.

„Други стравуваат дека би можело да дојде до спротивен развој на настаните, односно барање за нови, уште построги мерки за штедење“, објаснува Цакироглу, кој лично верува дека Грците не би требале да очекуваат големи промени, без оглед на тоа кој ќе победи на изборите во Германија.

Во Полска нема дебата за германските избори

Третиот мандат на Меркел тешко дека ќе предизвика радост во Грција. Наспроти тоа, во полската јавност Ангела Меркел е претставена како доверлив партнер во Европа. Симпатиите за германската канцеларка се посебно големи откако се дозна дека нејзиниот дедо бил Полјак.

„Таа и порано зборуваше дека ’навива за Полска’, а ние мислевме дека тоа потекнува од комунистичките времиња, кога патувала во Полска. Денес на тие зборови гледаме во друг контекст“, пишува најголемиот полски дневен весник „Газета виборча“.

Adam Krzeminski polnsicher Publizist und Journalist
Адам Кржемски прашува - дали структуралните слабости на социјалдемократијата да се навистина толку големи?Фотографија: Creative Commons/Mariusz Kubik

И во Полска постои очекување дека Меркел ќе освои трет мандат. Но, од друга страна се критикува изборната кампања.

„Без тема, без дебата, без нешто за што на минатите избори навистина можеше многу да се расправа“, коментира полскиот публицист Адам Кржемски. Тој се прашува дали е можно структуралните слабости на социјалдемократијата да се навистина толку големи што тие во предизборната кампања, како опозиционери, немаат појак настап.