1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Која е заднината на убиството поради заштитна маска?

Среќко Матиќ | агенции
23 септември 2021

Германија е во шок по бруталното убиство на вработен на бензинска пумпа само затоа што од муштеријата побарал да стави маска. Синдикатот на полицијата предупредува дека противниците на корона-мерките се радикализираат.

https://p.dw.com/p/40iGh
Местото на злосторството: Бензинската пумпа во Идар-Оберштајн
Местото на злосторството: Бензинската пумпа во Идар-ОберштајнФотографија: Christian Schulz/dpa/picture alliance

По убиството на 20 годишниот вработен на една бензинска пумпа во местото Идар -Оберштајн во западна Германија, полицијата ги истражува причините за трагедијата. Меѓу другото се анализираат и активностите на 49-годишниот осомничен маж на социјалните мрежи. Од полициската управа во градот Трир потврдуваат дека имаат бројни индиции кои може да дадат одговор на прашањето од која причина осомничениот пукал во вработениот на бензинската пумпа. 

Имено, осомничениот во саботата на 18.09 сакал да купи пиво на бензинска пумпа, но не носел заштитна маска. Вработениот го предупредил дека мора да стави маска, а тој одбил и потоа си заминал. Отишол до дома, се пресоблекол, земал пиштол, се вратил на бензинската пумпа, дошол со маска до пултот, ја симнал и пукал во младото момче. По апсењето, на полицајците им рекол дека ги отфрла сите корона-мерки, односно дека целата ситуација околу пандемијата премногу го оптоварила и затоа сакал да „испрати некаква порака“. 

Радикализација на социјалните мрежи 

Осомничениот има германско државјанство и во моментов е во истражен затвор, а трагедијата предизвика огромни реакции во Германија – изрази на сочувство и згрозеност. Државното обвинителство вели дека истрагата за околностите поради кои се случил настанот може и да потрае, особено кога станува збор за трагање по одговорот на прашањето која е вистинската причина за таквата реакција на осомничениот. Исто така е нејасно и како тој поседува оружје.

Полицијата во Трир, во вторникот вечер на Твитер објави ваква порака: „Има одредени индикации кои упатуваат на профил на осомничениот на Твитер. Ќе ги истражиме до детал.“ Имено, голем број корисници на оваа мрежа и укажаа на полицијата да го провери Твитер профилот на 49-годишниот напаѓач.

Полицијата брзо пристигна на местото на злосторството
Полицијата брзо пристигна на местото на злосторствотоФотографија: Christian Schulz/dpa/picture alliance

Магазинот „Шпигел“ и невладината организација ЦеМАС која се занимава со „идеологии на завери“ во заедничкото истражување дојдоа до информации дека уапсениот маж уште пред две години бил забележан на еден Твитер профил кога пишувал за своите фантазии за насилство. 

Прво убиство поврзано со корона 

Германскиот полициски синдикат ГдП, по убиството во Идар-Оберштајн предупреди на опасноста од можна радикализација на луѓето кои го негираат постоењето на короната. „Ова е прв регистриран случај на убиство поврзано со короната,“ рече потпретседателот на ГдП, Јерг Радек за германските медиуми. За сега се работи за изолиран случај, вели Радек но предупредува: „Од минатата година забележуваме радикализација кај противниците на корона-мерките.“

Радек потсетува и на фактот дека германските органи на редот и мирот на демонстрациите регистрираат се поголем број напади на новинари, како и на полицајци. „Важно е безбедносните припадници да обрнат внимание на радикалните сили, без оглед дали се работи за оние од левицата, десницата или припадниците на движењето ‘Кверденкер’.“ Под поимот „Кверденкер“ (Querdenker) во Германија се мисли на луѓе кои се против мерките за заштита кои државата ги воведе поради пандемијата на Ковид-19. 

Научникот Андреас Цик, кој во Билефелд се занимава со анализи на конфликти, за весникот „Вестдојче Алгемајне Цајтунг“ вели дека уште од минатата година има индикации дека луѓето кои го негираат постоењето на короната се радикализираат. „На корона-протестите сè поизразен е непријателскиот став и тие се сè повеќе агресивни. Заблежливо е сè повеќе насилство насочено кон полицијата и новинарите,“ вели Цик.

Иако во Идар – Оберштајн се работи за поединец, Цик вели дека може да се каже оти има поврзаност со оваа сцена, бидејќи и самиот осомничен на полицијата и рекол дека го сторил делото поради целата ситуација со короната. „Од ова може да се заклучи дека тој себе си се смета за припадник на една одредена група, односно дека дејствува во име на оние со кои дели иста идеологија.“

Свеќи и цвеќина за убиеното момче вработено во бензинската пумпа
Свеќи и цвеќина за убиеното момче вработено во бензинската пумпаФотографија: Birgit Reichert/dpa/picture alliance

Нулта толеранција за насилство 

Владата на покраината Рајнланд Фалц во која се случи убиството соопшти: „Ние постојано активно делуваме против поттикнување омраза и ги повикуваме на одговорност сите оние кои на интернет шират омраза,“ нагласи премиерката на покраината, Малу Драјер од СПД во официјалното соопштение. Кандидатот за канцелар на партиите на Унијата, Армин Лашет на предизборен митинг во Штралзунд порача: „Нема да толерираме вакво насилство во нашата земја. Осудуваме секаков акт на агресија.“

Реакција пристигна и од Германското Здружение на малопродажба (ХДЕ). По трагедијата во Идар – Оберштајн, првиот човек на здружението се обиде да ги смири германските трговци. „Иако има непромислени клиенти, користењето на маска по година и половина веќе стана нешто сосем нормално. Неносење маска само во исклучително ретки ситуации доведува до конфликт,“ рече Гент.