1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кошаркарите ја почнуваат операцијата „Литванија 2011“

29 јуни 2010

Македонскиот спорт деновиве како да е на годишен одмор. Сепак, најдобрите македонски кошаркари ги почнуваат подготовките за квалификациите за учество на Европското првенство, кои ќе се играат во август.

https://p.dw.com/p/O4qH
Салата „Борис Трајковски“ - СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Марин Докузовски, селекторот на македонската репрезентација е со товарот Македонија да обезбеди пат во Литванија. Низ призма на противниците, претстои тешка задача. „Пред да ја добиеме информацијата за селекцијата на Велика Британија можеби тие не беа фаворити, но со играњето на Гордон и Денк одеднаш стануваат главни, бидејќи тоа се НБА ѕвезди со игра на повисоко рамниште од нашево во Европа. Босна е екипа, која доколку се собере ќе биде еден од главните конкуренти, но според моите информации имаат проблеми. Најдобриот нивни играч Мирза Телетовиќ го откажал учеството во квалификациите. Унгарија е репрезентација составена исклучиво од унгарски играчи. Нивното првенство со многу странци е во подем. И нормално, Украина, нашиот стар познаник. Еднаш тие не елиминираа во квалификациите.“

Marin Dokuzovski
Марин ДокузовскиФотографија: ZLATKO KALINSKI

Неколкудневни подготовки во Скопје, па потоа во Охрид. Турнири, во Италија и во Македонија, контролни натпревари со Србија, сето тоа е содржано во блиц-подготовките за големиот настан: „Сите се наоѓаме во ситуација во која се’ уште не сме биле, бидејќи никогаш квалификациите не почнувале толку рано во август. Ова е специфичен момент, во кој за еден месец треба да ја дозирате формата и физички да ги подготвите играчите, истовремено и да ги одморите. Тука е тактичката подготовка. Мислам дека КФМ направи се’ да ни овозможи добри подготовки во овој месец.“

Репрезентацијата е соочена и со играчки промени

Долгогодишниот лидер Врбица Стефанов ја заврши кариерата, ветераните Блажевски и Тасовски се простија со репрезентативниот дрес. Влатко Илиевски се наметнува како нов предводник на тимот. „Јас разговарав со Влатко Илиевски. Тој е еден од лидерите на репрезентацијата, желен е за игра затоа што не настапи на претходното Европско првенство. Тој не тренираше до јануари месец, но сега веќе настапи во Јадранската лига и во словенечкото првенство. Мислам дека полека се враќа во форма! Тој е предводник на младата генерација како што се браќата Стојановски, Симоновски и другите кои ќе добијат солидна минутажа.“

Mazedonien Land und Leute Mazedonisches Basketball-Nationalteam
Промени во македонскиот кошаркашки тимФотографија: Petr Stojanovski

За можноста во селекцијата да бидат и натурализираните Mакедонци Мејси и Вашингтон, Докузовски вели: „Очекувам проблеми со странските играчи. И Мејси и Вашингтон се’ уште не се изјасниле, кога и дали ќе дојдат. Последниот рок е 1 јули, ако до тогаш не дојдат, нема да сметам на нив.“

Може ли Македонија успешно да го изоди патот на новиот предизвик, по Полска 2009-та да биде дел и од Литванија 2011-та? Марин Докузовски верува во потенцијалот на тимот што го води: „По настапот на Европското првенство во Полска, нормално дека пласманот е наша желба и обврска. Најмногу на генерацијата што доаѓа. Нема да биде лесно, но се’ е во наши раце. Ако сите се собереме и ако го дадеме максимумот, сигурен сум дека ќе се видиме во Литванија следната година.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска