1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовските власти сакаат ЕУЛЕКС да замине од земјата

Јохан фон Мирбах / Зоран Јордановски3 ноември 2013

На мисијата на ЕУ за правна држава ЕУЛЕКС во Косово отсекогаш критички се гледаше. Бура посебно се крена во мај годинава, кога беа уапсени пет некогашни команданти на УЧК, под сомнение за сторени воени злосторства.

https://p.dw.com/p/19s5A
Фотографија: AFP/Getty Images

Гранична контрола на преминот Јариње на северот на Косово - од едната страна се српски полицајци, а на косовска страна контролата ја врши ЕУ, заедно со полицајци од Косово. Земјата не е целосно суверена. Освен царински контроли и полициски патроли, мисијата на ЕУ за правна држава ЕУЛЕКС во Косово има и сопствени судови. И покрај добрата соработка на граничниот премин, некои косовски полицајци посакуваат да имат поголема самостојност.

„ЕУЛЕКС е неопходен, но доаѓа време таа мисија да заврши. Косовската полиција е способна во секој поглед да ја преземе контролата врз границата“, вели Зоран Радоновиќ, раководител на косовската погранична единица.

Со таквиот став Радоновиќ не е осамен. И министерот за правда Хајредин Кучи сака што е можно побргу да се ослободи од несаканите помошници во изградбата на државата.

Europanorama Mazedonisch 70. Sendung DW TV
Фотографија: DW

„Косово мора да биде управувано од сопствените граѓани и институции. ЕУЛЕКС беше успешен и за тоа сме му благодарни. Не сакаме да го протераме ЕУЛЕКС, но сакаме да го увериме Брисел дека сме во ситуација да ги преземеме работите во сопствени раце“, вели косовскиот министер за правда.

Последниот голем спор го предизвика апсењето на кланот од Дреница во мај годинава. Пет некогашни команданти на УЧК се обвинети за воени злосторства за време на косовската војна, но за многумина жители на Косово тие се херои. Меѓу уапсените е и Сами Луштаку. Во Скендерај на големи плакати го слават некогашниот градоначалник, а ЕУЛЕКС му организира судски процес. За Бернд Борхарт, раководител на ЕУЛЕКС, е важно таа постапка да биде продолжена - сеедно од кого.

„Основна филозофија кај темата предавање на надлежностите е дека ние сме овде гости, а гостинот не треба да остане подолго отколку што е посакуван. Но, од друга страна, ние не би сакале да бидат предадени институции на правната држава, кои уште не се зрели да бидат предадени“, вели раководителот на ЕУЛЕКС Бернд Борхарт.

Bernd Borchardt Leiter der Eulex Mission in Kosovo
Бернд Борхард, раководител на мисијата ЕУЛЕКС на КосовоФотографија: DW/B. Cani

За предавање уште не е зрел ни северниот дел на Косово, населен со Срби. Таму официјално главен збор имаат ЕУЛЕКС и косовската полиција, но на патот од границата со Србија кон Митровица на повеќе места се среќаваат патни блокади од српски милиции во цивилна облека.

Безбедносната ситуација во српската енклава е кревка, неодамна таму беше убиен еден полицаец на ЕУЛЕКС. Мисијата се обидува да посредува за помирување меѓу Србите и Албанците. Тоа им е јасно на многумина жители во тој дел, како на адвокатот Љубомир Пантовиќ.

„ЕУЛЕКС е неопходен на северот на Косово и евентуално негово заминување би било лошо за Србите“, вели адвокатот Пантовиќ.

И покрај очигледните проблеми на северот, во главниот град Приштина се решени да ја намалат улогата на ЕУ.

„Наша цел е мандатот на ЕУЛЕКС во сегашнава форма да заврши во јуни 2014 година. Мисијата треба да остане само со набљудувачки и советодавен карактер. За тоа ќе преговараме“, вели косовскиот министер Кучи.

ЕУЛЕКС штотуку ги востанови заедничките гранични премини со Србија. Судовите на ЕУ во Косово во моментов водат 94 кривични постапки, меѓу нив и процеси за воени злосторства и за корупција. Ова баш и не личи на подготовка за заминување.

„ЕУ овде, во Косово, има мноштво можности за вршење влијание. Косово би сакало да биде член на ЕУ, а Унијата се залага за владеење на правото“, вели раководителот на ЕУЛЕКС, Борхард.

ЕУ се ориентира кон подолгорочно присуство во Косово - се’ едно дали како ЕУЛЕКС или под некое друго име.