1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово повторно на агендата на дипломатите

Невена Георгиевски 6 декември 2007

Со приближувањто на 10 декември,кога меѓународната посредничка Тројка треба во ОН да го предаде извештајот за преговорите за Косово, така се зголемува притисокот кај западните дипломати. Косово е тема и во НАТО.

https://p.dw.com/p/CXko
Војниците на КФОР на КосовоФотографија: AP
Според дипломатски извори, во НАТО се очекува жива дискусија по прашањето за Косово. Според истите извори се наведува дека од министрите ќе биде побарано да се задржи бројот на војниците во сегашниот состав на КФОР и да не им се ограничува нивното делување во случај таму да избијат насилства. Американската амбасадорка во НАТО Викторија Нуланд изјави дека КФОР и Алијансата решително ќе одговорат на каков било обид за нарушување на мирот и стабилноста на Косово. Нуланд: КФОР и НАТО ќе спречат секакво насилство
Учествувајќи на интернет форум на Стејт Департментот таа ги поздрави ветувањата на Приштина и Белград дека во оваа фаза од решавањето на идниот статус ќе го одржат мирот и ќе се воздржуваат од насилства. Не сакаше да предвидува како ќе се одвиваат работите по десетти декември, оставајќи простор за тоа да се расправа во СБ на ОН. Претставникот на САД во посредничката Тројка, Франк Визнер, пак оцени дека по неуспехот на последните преговори, Косово треба да добие надгледувана независност како што стои во планот на преставникот на ОН, Марти Ахтисари.
„Бидејќи го исцрпивме преговарачкиот процес, предлогот на поранешниот фински претседател е на маса и заслужува да биде спроведен“, изјави Визнер по средбата со бугарскиот министер за надворешни Ивајло Калфин. Визнер буквално рекол дека „нема камен кој не е превртен во изминатите 120 дена“, но за жал Тројката не можела да пронадје заедничка позиција меѓу Белград и Приштина.
Визнер: не знам што ќе се случува по 10 декември

Мисијата на Тројката завршува на 10 декември, кога Визнер заедно со претставникот на Русија, Александар Боцан Харченко и на ЕУ, Вофганг Ишингер треба да му го поднесат извештајот на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун. „Не знам што ќе се случува понатаму, бидејќи тоа го надминува нашиот мандат“, рекол Визнер. Со оглед на најавената блокада во Советот за безбедност од страна на Русија, можно е прашањето на статусот да остане без одговор. Во таков случај косовските Албанци најавуваат еднострано прогласување независност.