1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово поважно од владеењето на правото?

Ивица Петровиќ
14 август 2017

Кои се клучните приоритети на Србија на патот кон Европската унија? Според изјавите на ЕУ, тоа се владеењето на правото и борбата против корупцијата. Во Белград, меѓутоа, сметаат дека за Западот тема број 1 е Косово.

https://p.dw.com/p/2iBBH
Symbolbild Justitia Justizia
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и известувачот на Европскиот парламент за Србија Дејвид Мекалистер се сретнаа во Белград на 12 август. Несомнен заклучок е дека тие различно гледаат на редоследот на критериуми за членството на Србија во ЕУ. По состанокот, Мекалистер како клучни области за влез во ЕУ ги наведе владеењето на правото и борбата против корупција. Со таа оценка, меѓутоа, не се сложи и претседателот на Србија кој изнесе целосно поинаква листа на услови кои ги поставува Запад: „Клучно прашање е Косово, на второ место е односот на Србија кон Русија“, рече Вучиќ, кој владеењето на правото го гледа дури на трето место. Вучиќ додаде дека затоа „најмногу го боли главата поради односите меѓу Белград и Приштина“, и дека „само Србија го има поглавјето 35, што значи оти додека нема напредок по тоа прашање нема ни напредок кон ЕУ“.

Serbien Premierminister Aleksandar Vucic
Претседателот на Србија, Александар ВучиќФотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Веројатно не може да се каже оти разговорот меѓу Мекалистер и Вучиќ е неуспешен, но очигледно е дека за време на оваа середба имаше јавно несогласување во ставовите, и покрај сите пофалби што Мекалистер ги упати до Србија. А тоа е нешто што Александар Вучиќ главно го избегнува кога станува збор за средбите со европските дипломати. Можеби на тоа влијаеше прилично јасната порака од Европа дека Србија не може да добие дури ни приближен датум за влез во ЕУ, но можно е дека на овој начин Александар Вучиќ тргнува во предизборна кампања со пораката „дека тој на сите им кажува сѐ в лице“. А патем е и лут што не добил датум за влез во ЕУ. Во секој случај, еден од епилозите на состанокот е и тој што Мекалистер и Вучиќ не отидоа заедно во најавента посета на трубачкиот фестивал во Гуча, наводно поради лошите временски услови. „Ќе има време за забава“, искоментира Вучиќ по откажувањето на заедничката посета.

Пауза околу Косово?

„Сметам дека и двајцата се на некој начин во право“, го оценува јавното несогласување надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ. „Гледано од агол на реформите, владеењето на правото е навистина важно за српското општество во целост. Но, во право е и претседателот Вучиќ, бидејќи без решение за прашањето за Косово, Србија нема иднина, без разлика дали спровела или не спровела реформи. А Мекалистер избегна да го спомене Косово држејќи се само на некој дипломатски такт“, смета Јакшиќ. За некого е тоа дипломатски обѕир, а за многумина во Србија тоа е доказ дека Запад не е искрен, и оти инсистира на владеење на правото иако е јасно дека Косово претставува прв и главен услов. „Секако би требало да заборавиме на зборот чесност кога зборуваме за политика“, вели Јакшиќ. „Можно е и Западот да не сака во овој момент да го притиска Вучиќ околу Косово, посебно сега кога тој го најави својот познат национален дијалог за Косово-  затоа сега малку се мешаат каритите и се уфрлаат некои други теми како приоритети.“

Не е спорно дека западните политичари го истакнуваат и владеењето на првото, вели Јелена Милиќ, директорка на Центарот за евроатлански студии, но за вистинско регионално помирување, според нејзиното мислење, е најважно да се интензивираат судењата за воените злосторства во Србија и поддршката за мешовит совет за судење за воените злосторства на Косово. „Мислам дека се точни забелешки за хипокризија на западната меѓународна заедница, која во овој момент би се согласила Србија и Косово да потпишат некое парче хартија за регулирање на односите, а да не се каже ни збор за тоа што довело до тоа, кој е одговорен, и многу сторители на нерешените воени злосторства да останат неказнети.“

Русија- конечно на високото второ место

Русија за време на оваа средба се појави како една од главните пречки на патот кон европските интеграции. Иако се знаеше дека постои притисок во врска на односот меѓу Србија и Русија, западните официјални лица за тоа завиено зборуваа низ фрази за ускладување на надворешните политики. Српските претставници, од друга страна, само го повторуваа ставот на Александар Вучиќ дека Србија сака добри односи со Русија и оти нема да ѝ воведе санкции. Некои одеа и подалеку па наведуваа дека Србија своите односи со Русија ќе ги преиспита кога ќе стане членка на ЕУ.

Јелена Милиќ смета оти е многу добро тоа што Русија конечно се појави на високото второ место: „Бидејќи, Русија со своите притисоци врз Србија и со своите уцени ја забавува европската интеграција на Србија. Тука веќе не е станува збор за членството во НАТО, туку за забавување на процесот на демократизација. Затоа би било добро да дојде до мирен договор меѓу Србија и Косово, што на Русија би ѝ укинал еден од клучните адути за дестабилизација на регионот.“

Бошко Јакшиќ забележува дека Александар Вучиќ има опсесивна потреба, штом се спомене Запад, во истиот момент да каже дека тоа никако нема да ги загрози нашите односи со Русија. „Тоа е негово политичко балансирање, кое на некој начин е недостаток на храброст Србија отворено да каже каде се нејзините насоки, иако тие се дефинирани како нејзино геостратешко определување- а тоа се ЕУ и Западот.“

Landtagswahl Niedersachsen David McAllister verliert
Известувачот на Европскиот парламент за Србија Дејвид МекалистерФотографија: picture-alliance/dpa

Приоритет: Савамала или Косово?

Изјавите на Дејвид Мекалистер секако предизвикаа многу конфузија во Србија каде се поставува прашањето: дали за членството во ЕУ  е поважен нерешениот случај Савамала или нерешеното прашање на Косово? Во тој контект приказната повторно се враќа на поддршката на таканаречените стабилократии на Балканот, во кои владеењето на правото всушност и не е толку важно.

Мекалистер најавува нова посета на Србија за две недели и можеби тогаш ќе се разјаснат некои недоумици околу тоа што всушност ЕУ бара и поддржува, а Бошко Јакшиќ оценува дека е „време на Западот да извлечат заклучок- и тоа не само кога е во прашање Србија, туку и поширокиот регион- дека од приоритетот стабилност поважно е воспоставувањето на демократијата. „Длабоко верувам дека без демократија нема ни стабилност. Тоа го овозможи и растот на авторитарни тенденции во Србија и во некои други држави. Затоа мислам дека во Брисел би морале да извлечат некој посериозен заклучок“.