1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата кај лекарите - болка ширум светот

Карла Блајкер/ Симе Недевски8 јануари 2013

Обвинувањата за корупција против германските лекари деновиве ја разгневија јавноста во земјата. Сепак, споредено на меѓународно ниво, германското здравство стои на релативно „здрави нозе“.

https://p.dw.com/p/17FLk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лекарите во Германија не прават ништо противзаконски доколку примат подароци од фармацевтските концерни. Додуша, според правилата на лекарската професија, забрането е на такви подароци да се возвраќа со противуслуги. Доколку некој лекар го направи тоа, многу ретко таквиот случај завршува пред суд.

Сепак, во споредба со други земји, германскиот здравствен систем се’ уште има релативно добри контролни механизми. Во земјите во кои лекарите не се доволно платени, корупцијата е редовна појава, која уште подиректно ги погодува пациентите. Во Зимбабве на пример, пациентите умираат доколку не можат неопходната операција да ја платат од сопствен џеб. Во Уганда лекарите си ги зголемуваат примањата така што делат евтини лекарства, додека во Хрватска е токму во тек скандал со една фармацевтска компанија, во кој се вмешани повеќе од 300 лекари, а досега се уапсени триесетина лица.

Далекусежна корупција во Зимбабве

Symbolbild - Blutprobe
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според индексот на Транспаренси интернешнл кој покажува како граѓаните ја доживуваат корупцијата во своите земји, од 174 земји Германија е на 13 место, Хрватска на 62-ро, а Зимбабве на 163.

Јост Бутеноп работел како лекар во Зимбабве, Пакистан и Малезија: „На крајот можете само да го обвинувате системот, но не и поединечни лекари“, објаснува Бутеноп. „Кога лекарите или медицинските лица не добиваат редовно плати, и покрај тоа што редовно доаѓаат на работа, тогаш е логично тие да сакаат себеси да си обезбедат некаков приход - и да допуштаат да им плаќаат пациентите“, вели Бутеноп. Тој објаснува дека пред некоја операција во Зимбаве семејството на пациентот не само што треба да ги плати лековите, туку и приборот за инфузија, мора да купи и средства за дезинфекција и скалпел. Кој нема пари за тоа, нема ни да стигне на ред за операција, која понекогаш е животно важна. „Парите кои биле планирани за здравствениот систем, владата однапред ги има потрошено“, вели Бутеноп.

Корупцијата која се развива поради влијанието на фармацевтската индустрија таму не е присутна. Лекарите во земјите во развој не добиваат пари од големите фармацевтски концерни. А пациентите себеси едноставно не можат да си дозволат скапи лекови.

„Дури и ако лекарите, поткупени од некоја фармацевтска компанија, би препишале некој скап лек, пациентот за себе би си го купил алтернативниот поевтин лек од некој не толку познат производител“, истакнува германскиот лекар со работно искуство во земјите во развој.

Nahrungsmittelintoleranzen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Евтини лекови како мерка за штедење

Слична е и состојбата во Уганда. „Најголем проблем е воопшто да се добие медицинска нега“, вели Вадиха Мозес од угандскиот оддел на Транспаренси Интернешнл. Медицинскиот персонал не пружа услуги какви што би требало да пружа. Поради тоа што не се платени, лекарите и другиот медицински персонал со часови не се појавуваат на работното место, на пациентите честопати воопшто не им ги препишуваат неопходните лекови или ги испраќаат дома откако ќе им препишат поевтини препарати, бидејќи на тој начин самите подобро заработуваат. „Одговорните купуваат полоши лекови бидејќи можат да го задржат остатокот од парите планирани за набавка на медикаменти.“

Конкуренција меѓу јавните и приватните болници во Перу

Iran Medikamentenmangel
Фотографија: Getty Images/AFP

Во јужноамериканската држава Перу пак, мешавината од јавни болници и приватни клиники е главна причина за корупција. „Лекарите во јавните установи заработуваат премалку и вообичаено имаат уште и приватна ординација“, обааснува Самуел Рота од перуанското претставништво на Транспаренси Интернешнл. „Пациентите кои им доаѓаат, автоматски ги препраќаат во сопствените или во приватните ординации на свои пријатели. Од пријателите пак, очекуваат да го сторат истото за нив. Рака рака мие“. Во државните болници нема доволно кревети, па места се продаваат, вели Самуел Рота. „Добра вест е дека одговорните знаат за овој проблем и оти се обидуваат да променат нешто против ваквата практика“, додава Рота.

Скандал во Хрватска

На југоистокот на Европа во тек е скандал со поткупување во здравството. Околу 350 лекари со години примале пари за да препишуваат во најголем дел лекови произведени од хрватско-германскиот производител Фармал. Сите членови на управата на Фармал веќе се уапсени. Оваа компанија има многу тесни врски со Германија. 96 насто од Фармал е во сопственост на германската фармацевтска фирма Дермафарм. Но во Дермафарм во моментов никој не е расположен да даде изјава за овој случај.