1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Безредија поради Ковид-рестрикциите и хаосот со вакцините

Инес Ајзеле
26 јануари 2021

Луѓето во многу европски земји зад себе имаат долги месеци со рестрикции поради короната. Истовремено, сведоци се на бавно вакцинирање и нови мутации на вирусот. Последица - незадоволство, огорченост и бегство во забави.

https://p.dw.com/p/3oPU5
Niederlande I Proteste gegen Corona-Beschränkungen
Човек расчистува во ресторан за брза храна, чии прозорци беа искршени во текот на безредијата во ХоландијаФотографија: Peter Dejong/AP/dpa/picture alliance

Велика Британија: Забава додека не дојде полицијата

Лондонската полиција во текот на изминатиот викенд со кучиња и хеликоптер растури нелегална забава со 300 гости. На лице место, против 78 присутни на забавата се изречени казни поради прекршување на правилата во време на пандемија од по 200 фунти. Десетици гости успеаја да избегаат.

Повеќе: Експертите зачудени од изјавите на Џонсон за поголема смртност на мутираниот коронавирус

Оваа забава не е првиот инцидент од ваков вид во Велика Британија. Полицијата и претходниот викенд стави крај на забава со 200 гости. Минатиот четврток, пак, растури свадба со стотици гости во едно лондонско училиште.

Рој Смит, кој раководеше со полициската акција, фрустрирано вели: „Полицајците повторно беа приморани да го загрозуваат сопственото здравје за да се справат со голема група неверојатно егоистични луѓе, собрани на мал простор.“

 Proteste gegen Pandemie-Beschränkungen | UK London Yesodey Hatorah Senior Girls' School
Во ова училиште, кое во последно време се користи како центар за тестирање од корона, на 21 јануари стотици луѓе присуствувале на свадбаФотографија: John Sibley/REUTERS

Германија: Расположението станува поагресивно

И кај некои луѓе во Германија во последно време желбата за славење победува над разумот. Полицијата во повеќе покраини растури помали „корона забави“ и ги казни учесниците. На пример, во Вајсенхорн, во покраината Баварија, полициска патрола открила забава со 13 лица од различни домаќинства. Кога полицајците сакале да ги идентификуваат присутните, двајца од гостите на забавата се обиделе да избегаат преку прозорецот на вториот кат од објектот. Двајцата се однесени во болница со скршеници. Освен тоа, поради агресивното однесување на дел од присутните, полицајците морале да викнат засилување.

Повеќе: Нови правила за влез во Германија, С. Македонија во најризичната група

Но, забавите не се и единствениот начин на прекршување на корона-рестрикциите. На пример, жителка на Минхен во трамвај влега во кавга со човек поради тоа што не носела маска и го удрила во стомак. 28-годишникот претходно ја замолил жената да стави маска, јави полицијата.

Во меѓувреме доаѓаат информации дека сојузната влада се подготвува за случаи на напади врз центри за вакцинирање, транспорти на вакцини или производители на вакцини против коронавирусот. Засега нема конкретни индиции за такво нешто, но поради „големата динамика и емоционалност“ на темата постои „апстрактно загрозување“, се вели во документ на Министерството за внатрешни работи за кое информираа весниците од групацијата Функе. Како што се вели, најмногу треба да се смета со „протести на противници на вакцинирањето, корона-скептици и теоретичари на заговор“.

Lockdown I Köln I Wenige Passanten in der Innenstadt
Полицијата во Германија се соочува со се' поагресивно расположение поради корона-рестрикциитеФотографија: Rupert Oberhäuser/picture alliance

Холандија: Безредија по заострување на локдаунот

Во Холандија имаше безредија и синоќа, како и во неделата, во повеќе градови на протестите против полицискиот час. По судирите со полицијата, уапсени се околу 250 лица.

Во Ајндховен беа запалени повеќе возила и беа ограбени продавници. Во Амстердам припадниците на безбедносните сили, како што тврдат, биле гаѓани со камења и пиротехнички материјали, по што употребиле водени топови и кучиња за да го растурат протестот со околу 1500 луѓе.

Повеќе: Насилни протести во Холандија поради анти-Ковид рестрикциите

Една демонстрантка за агенцијата Ројтерс изјави дека протестира затоа што во корона-кризата се правело премалку за младите и за нивните потреби. Друга учесничка во протестите критикуваше дека владата нема план и не нуди перспектива.

Вечерта пред безредијата, во местото Урк беше запален центар за тестирање од коронавирус. Холандскиот премиер Марк Руте на Твитер напиша дека случувањата од викендот немаат „ништо со протести или борба за слобода“, туку дека се работи за „криминално насилство“.

Данска: Премиерката на мета на бесот

Во Данска во текот на викендот, на протестите против корона-рестрикциите се уапсени три лица кои запалиле кукла на чие лице била залепена фотографија од премиерката Мете Фредериксен, а под неа имало лист на кој стоело: „Мора да биде убиена“. Инцидентот предизвика голема огорченост во Данска.

Повеќе стотици луѓе во саботата вечерта демонстрираа во Копенхаген и извикуваа: „Слобода за Данска, доста ни е!“ Откако полицијата го растури собирот, дојде до насилство, при што полицајците беа гаѓани со шишиња.

Proteste gegen Pandemie-Beschränkungen | Dänemark Kopenhagen
Фотографија на данската премиерка Фредериксен на запалена куклаФотографија: Mads C. Rasmussen/Ritzau/REUTERS

Полска: Отпор на бизнисмените

Во Полска на продолжување на локдаунот се спротивставуваат гастрономијата и туристичката бранша. Управителите на повеќе од сто хотели, ресторани и барови минатата недела на Твитер под хаштагот „îotwieramy“ (#Отвораме) објавија дека имаат намера повторно да почнат со работа.

Бизнисмените се чувствуваат зајакнати со пресудата на Управниот суд во Ополе во полза на фризер кој не носел маска и примал муштерии недозволено. Казната што ја платил фризерот е анулирана од страна на судот со образложение дека владата не прогласила катастрофа, поради што ограничувањата на граѓанските права не се во согласност со Уставот. Имено, рестрикциите се воведени само со одлука на владата, а не се поминати во вид на закон во парламентот.

Менаџер на ресторан за агенцијата АФП изјави: „Економските активности во Полска може да бидат органичени само со закон, а таков закон нема.“

Особено се гласни барањата за олабавување на рестрикциите во полските зимски центри како што е Закопане, каде браншата стравува од пропаѓање на целата сезона. Претставници на најголемиот опозициски сојуз КО исто така бараат олабавување на мерките и оценуваат дека државната корона-помош за компаниите не е доволна.

Proteste gegen Pandemie-Beschränkungen | Polen Krakau Restaurant
И овој ресторан во Краков ги отвори своите врати за гостиФотографија: Marek Lasyk/Eastnews/imago images

Чешка: Отпор на граѓанска иницијатива

Повеќе десетици кафулиња и ресторани во Чешка се спротивставија на рестрикциите наметнати со строгиот локдаун, кои треба да траат до средината на февруари. Тие во саботата ги отворија своите врати за гости, иако е дозволено само продавање на храна за носење. Полицијата покрена повеќе прекршочни постапки, а казните за тоа се во висина од околу 800 евра.

Повеќе: Чешка ги повикува отселените лекари да се вратат напомош во земјата

Гастрономите со својата акција се одзваа на повикот на граѓанската иницијатива Chcipl pes (Кучето пцовиса), чие име алудира на системот за предупредување од корона Пес (куче). Во моментов, според Пес, во земјата има највисок степен на ризик од коронавирусот.

„Вирусот е попаметен од владата и си прави и онака што си сака“, критикуваат организаторите барајќи: „Мора да се вратиме во нормалност.“

Chcipl pes досега беше повеќепати во фокусот на јавноста, како со протестната акција на гастрономите со поставување празни чаши за пиво со свеќа во нив од центарот на градот до владините згради. Иницијативата добива на приврзаници во последните недели и во меѓувреме се разбира себеси како политички движење.

Како да се идентификуваат мутациите на коронавирусот?