1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Кога доаѓа вториот бран инфекции?

Зулфикар Абани
21 мај 2020

Додека се разлабавуваат мерките, СЗО предупредува дека „коронавирусот можеби никогаш нема да исчезне”. Загриженоста дека можеби ќе има втор, па и трет бран инфекции, е сѐ поголема.

https://p.dw.com/p/3ca7Q
Deutschland | Coronavirus | Fußgängerzone in Dortmund
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen

Прво се чинеше дека животот уште долго време ќе се одвива зад затворени врати. Можеби дури и до крајот на летниот распуст. Но, потоа се смени времето и вратите се отворија порано од очекуваното. Во Германија, Шпанија, Грција и други места најрестриктивните мерки се укинати.

Дури и во Велика Британија, која во Европа има најголем број инфекции и смртни случаи од Ковид-19, се размислува за „повторно отворање на економијата”, како што повеќе врвни политичари бараа во изминатите денови. Индија ги продолжи мерките на почетокот на месецов за натамошни две недели. Се зголемува загриженоста дека ќе има втор бран инфекции во глобални рамки ако земјите прерано ги укинат мерките. Вториот бран е повеќе или помалку неизбежен. „Вирусот може да се развие во уште еден ендемски вирус во нашите општества”, рече на една прес-конференција Мајк Рајан, директор на Програмата на СЗО за итни здравствени прашања. „Можеби никогаш нема да исчезне.“

Германија: Контролиран експеримент?

Кога кон крајот на април стапката на репродукција „Р” на коронавирусот од 1,0 падна на 0,76 германската влада и здравствените власти одлучија повторно делумно да ги отворат училиштата. Тоа важеше за учениците кои наесен имаат важни тестови, или пак од основно треба да се префрлат во друго училиште. Училиштата започнаа со редизајн на училниците и ги поделија игралиштата на безбедносни зони. Целта е да се осигура спроведување на регулативите за дистанца и хигиена. Но пред училиштата и учениците да може повторно да се вратат на настава и да ги тестираат овие ад-хок безбедносни мерки, владата одлучи дополнително да ги олабави мерките: и на помалите деца треба да им се овозможи по еден ден да одат на училиште. И музеите и зоолошките градини ги отвораат вратите под посебни услови. Со ова треба да се осигура дека посетителите ќе го држат пропишаното растојание. Ова веќе функционира на јавните игралишта, кои се повторно отворени од 7 мај, додуша делумно. Минималното растојание од 1,5 метри растојание меѓу децата за кратко време е 1,5 сантиметри.

Значи дали целата работа беше еден контролиран експеримент за да се тестира доброто однесување? Германија е демократија која „се темели на доверба“ рече германската канцеларка Ангела Меркел минатата недела, кога го најави разлабавувањето на мерките.

Повеќе:

Напната и неизвесна трка по вакцина против коронавирус

Германија го укина карантинот за граѓаните од ЕУ

Каде се во светот има корона-протести и зошто?

Во секој случај СЗО повеќе претпочита ако преодот од карантин е „базиран на факти и податоци“ и „чекор по чекор“ за да „се намали ризикот од ново избувнување на епидемијата“.

„Во идеални услови тоа значи меѓу две фази да има најмалку две недели (што соодветствува на времето на инкубација на Ковид-19), што пак е доволно време да сме свесни за ризикот од нови жаришта и за навремено и соодветно да се реагира“, се вели во најновата стратегија за Ковид-19 од 19 април на СЗО.

Во Германија за ова нема ниту збор. Училиштата ја започнаа втората фаза на отворање, четири дена откако започна наставата за повисоките класови - без препорачаниот интервал од две недели.

Германската влада им ја предаде на сојузните покраини одговорноста за олабавување на мерките и последователните активности. Доколку еден регион има регистрирани 50 случаи на 100.000 жители во тек на една недела, тогаш повторно треба да се крене прстот и да се воведат строги рестрикции.

Нема меѓународен стандард

Сепак, овие 50 случаи на 100.000 жители се само бројки. Се чини дека не постои единствен глобален стандард за тоа што всушност значи втор бран на епидемија или пандемија.

„Втор бран“ не е фиксен научен термин, пишува во мејл до ДВ, портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмајер. „Терминот се однесува (само) доколку има ново избувнување на заразата кое би следело по првиот бран. Тоа истото би важело и за евентуален ‘трет бран'’’, вели тој.

Дел од научниците во Германија, меѓу кои и епидемиологот Ева Грил од универзитетот „Лудивиг Максимилијан“ во Минхен, како и епидемиологот Рафаел Миколајчик од универзитетот „Мартин Лутер“ во Хале-Витенберг се на мислење дека 50 случаи на 100.000 се премногу. Голема е опасноста дека здравствениот систем не би можел да се справи со толку многу нови инфекции. Едноставно во таков случај може да биде предоцна да се спречи ширење на вирусот.

Доколку дојде до ова, тогаш можеби повторно ќе треба цели градови да се ставаат во карантин. Планираната настава во училниците ќе потоне, исто како и економијата. Тогаш со сите напори ќе се обидеме брзо да ги избегнеме ваквите рестрикции. Доколку опадне бројот на нови инфекции ќе дојде до олабавување. Маѓепсан круг со кој можеби ќе мора да се научиме да живееме.

„Ако болеста опстојува на ниско ниво во земји без доволен капацитет да вршат тестови и да идентифицираат кластери, тогаш постои опасност дека болеста повторно ќе се рашири“, велат од СЗО. Тоа важи особено за места во кои луѓето се движат помасовно: во големите градови, во бегалските кампови и на места на кои нема можност да се одржува социјална и телесна дистанца.

Дојден за да остане

Шпанскиот грип од 1918 дојде во три големи бранови. Пандемијата избувна во март 1918 година и го достигна пикот за време на вториот бран на крајот од истата година. Во меѓувреме, вирусот толку мутираше што последиците во вториот бран беа уште попогубни.

Повеќе:

Пандемијата ќе одведе 60 милиони луѓе во екстремна сиромаштија

Историски договор на Меркел и Макрон за рестарт на економиите на ЕУ

Милијардерите уште побогати - за добрите и лошите профитери од корона-кризата

Центрите за контрола на болести и превенција во САД (ЦДЦ) сметаат дека вториот бран на пандемијата на грип бил одговорен за поголемиот дел смртни случаи во САД - земја која се смета за земја на потекло на вирусот. На почетокот на 1919 година се појавува и трет бран, кој трае до средината на годината, кога шпанскиот грип, според ЦДЦ, стивнува. Се проценува дека околу 50 милиони луѓе биле жртви на грипот. Но, вирусот веројато никогаш не исчезнал целосно.

Дел од виролозите сметаат дека вирусот станува послаб со последователни мутации и поради тоа е помалку смртоносен. Тоа, меѓу другото, се должи и на фактот што повеќе луѓе развиле имунитет на него. Вирусот исто така се потпира на жив домаќин кој му е потребен да се размножува и да преживее. Така станува постојан член на нашето општетство.

Според студија објавена во 2006 година, речиси сите случаи на грип А – инфлуенца која ги погодува ластовичките и цицачите – се предизвикани од „наследниците на вирусот од 1918 година“ од шпанскиот грип.

Веќе се најавуваат првите носители на втор бран на новиот коронавирус: Кина и Русија регистрираа нови случаи на заразени, а дури и во Јужна Кореја, која беше пофалена за брзото справување со првиот бран, повторно има луѓе заразени со САРС-КоВ-2.