1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Каде е највисок ризикот за зараза со Ковид-19

БГ/ ДВ
18 февруари 2021

Група научници пресметале колку е голем ризикот од инфекција со коронавирус во училиштата, канцелариите, продавниците, театрите, фризерниците. Еве го заклучокот до кој дојдоа:

https://p.dw.com/p/3pPG6
Frankreich Covid-19 | Schulen
Фотографија: Lafargue Raphael/abaca/picture alliance

Во канцелариите и училиштата луѓето се изложени на поголем ризик од заразување со коронавирус отколку во театар или во фризерските салони - под услов да се почитуваат правилата за хигиена, растојание и вентилација. Тоа го покажува студијата на Техничкиот универзитет во Берлин, објавена од весникот Тагесшпигел. Која е причината за овој резултат? И како се доаѓа до тие резултати?
Научниците од Техничкиот универзитет, заедно со медицинските специјалисти од институтот Роберт Кох и Клиниката Шарите во Берлин, развија модел за оценување на ризикот од инфекција. Експертот за вентилација Мартин Кригел го утврдува можниот ризик преку т.н. индикатор R. Вредноста R1 значи дека во одредена ситуација или во одредена просторија едно заразено лице инфицира друго. Во R2, едно заразено лице може да зарази уште две.

Важен фактор: аеросолни честички

Вредноста на R зависи од должината на престојот, протокот на воздух и видот на активности преземени во просторијата (на пр. лежење, седење, спорт, повеќе или помалку говор). Дозата на примени честички на аеросоли е клучна за степенот на ризик. Тоа зависи од количината на испуштени честички, како и од интензитетот на издишување и вдишување, како и од должината на престојот во просторијата. Моделот за оценување на ризикот од инфекција е применлив само ако се почитуваат мерките наметнати поради пандемијата - честа вентилација, растојание и носење медицински маски.
Според тој модел, во супермаркет, едно заразено лице може да зарази друго со престој од околу еден час и лесна физичка активност со малку говор. Во канцеларии со повеќе работни места, каде што присутните вработени се помалку од половина, со долг престој од осум часа и без задолжителна маска, ризикот е R8 - т.е. едно заразено лице може да ја пренесе инфекцијата на најмногу осум лица.
Како друг пример, студијата наведува двочасовна посета на театар. Ако 30% од местата во салата се полни и маските се задолжителни цело време, ризикот од инфекција е половина помал отколку во супермаркетот. Во средното училиште, каде училниците се само половина полни и постои обврска да се носат маски (шест часа), индикаторот е R2,9. Без задолжителна маска, ризикот би бил двојно поголем.

Deutschland | Coronavirus – Supermarkt
Во супермаркет, едно заразено лице може да зарази друго со престој од околу еден час и лесна физичка активност со малку говор.Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Во канцелариите и училиштата ризикот е многу висок

При посета на фризер со маска (двочасовен престој), научниците го поставија индикаторот R на 0,6, во теретана со тричасовен престој - 3,4, ако е полуполна и не се носи маска. Во ресторан каде престојувате околу час и половина и само половина од местата се зафатени - 2,3. Во кино, каде престојот е околу два часа, индикаторот ќе биде R1, ако салата е полна 30 проценти.

Што значи ова за стратегиите за олабавување на рестриктивните мерки? Резимето на Кригел гласи: „Ризикот од инфекција е многу висок во канцелариите и училиштата“. Одлучувачки фактор, според експертот, е должината на престојот. Постои голема разлика помеѓу осум часа работа и два часа кино. Колку подолго останувате во просторијата, толку е поголема дозата на аеросолни честички. „А од одредена доза натаму, тоа доведува до инфекција“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема