1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Две третини од Германците сакаат да се вакцинираат

ЖА / дпа
25 декември 2020

В недела започнува досега најголемата масовна вакцинација во Германија. Убедливо мнозинство од граѓаните се подготвени да примат вакцина против коронавирус, покажува најнова анкета, но кај многумина постои и страв.

https://p.dw.com/p/3nDkW
Deutschland Bamberg | Coronavirus | Probelauf Impfzentrum
Фотографија: Nicolas Armer/dpa/picture alliance

Околу две третини од Германците сакаат да бидат вакцинирани против Ковид-19, според анкетата на Институтот за испитување на јавното мислење ЈуГов (YouGov) направена по нарачка од новинската агенција ДПА.

Околу 32 проценти од испитаниците одговориле дека би сакале да бидат вакцинирани што може побрзо, натамошни 33 проценти се исто така решени да бидат имунизирани, но би сакале прво да ги сочекаат евентуалните последици од вакцината кај другите. 19 проценти од анкетираните се изјасниле против вакцинирање, додека 16 проценти уште не донесле конечна одука.

Од в недела започнува досега најголемата масовна вакцинација во Германија, во рамките на која се очекува да бидат имунизирани десетици милиони граѓани против коронавирусот. Утре, еден ден пред почетокот, вакцината ќе пристигне во одделните покраини. Државата има порачано десетици илјади дози од вакцината на Бионтек и Фајзер кои ќе бидат лиферувани на 27 локации. Оттаму тие ќе бидат транспортирани во 440 центри за вакцинација. Прво треба да бидат вакцинирани луѓето над 80 години старост, како и негувателите и посебно загрозениот медицински персонал. Првите дози ќе бидат дадени од страна на мобилните медицински тимови во старските домови и болниците.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан ги подготви граѓаните на можни почетни тешкотии во текот на акцијата.

Повеќе на темата:

Лична приказна 2. дел : Како ја поднесов втората доза на Спутник 5

Колкави се разликите меѓу вакцините против корона?

Германија и вакцините: Предизвик за логистиката како слетување на Месечината

Во што веруваат Македонците: „Не“ за вакцина против Ковид-19, „Да“ за теории на заговор

Според анкетата на ЈуГов, подготвеноста за вакцинирање расте пропорционално со староста. Од групата меѓу 18 до 24 години сакаат да се вакцинираат 54 %, но кај старосната група над 55 години, подготвеноста е 71 %. Гледано од аспект на партиска припадност, кај гласачите на десничарската партија Алтернатива за Германија подготвеноста да се вакцинираат со 51% е значително пониска отколку кај избирачите на другите политички партии застапени во германскиот Бундестаг. Посебно висок е уделот кај гласачите на Зелените – 82 %.

Но, кај 57 насто од граѓаните постои и страв од евентуалните придружни последици на вакцината. Само една третина од испитаниците немаат вакви стравувања.

Според проценките на професорот инфектолог Хелмут Фикеншер од Кил,стартот на вакцинирањето в недела во прво време нема да има позначајно влијание врз текот на пандемијата. „Тоа се должи на фактот што треба да се вакцинираат премногу луѓе и што во догледно време нема да имаме доволно вакцини на располагање", изјави Фикеншер за ДПА. Тој е директор на Универзитетската клиника Шлезвиг-Холштајн и претседател на Германското здружение за сузбивање на вирусни болести.

Позитивен развој на пандемијата на коронавирус во 2021 година, според него зависи од тоа дали пред зимата 2021/2022 ќе биде вакцинирано мнозинство од населението, евентуално 60 до 80 прценти. До крајот на март во Германија треба да  има на располагање 11 до 12 милиони дози вакцина, што би било доволно за  5,5 до 6 милиони луѓе. Министерот Шпан очекува до в лето на сите граѓани да може да им се понуди вакцина, под услов одобрение да добијат и други вакцини.

Бројот на новоинфицирани во Германија и на Божик останува на константно високо ниво, денеска Институтот Роберт Кох објави 25.533 нови инфекции со Ковид-19 во рок од последните 24 часа и 412 смртни случаи. Но, бројките треба да се земат со извесна задршка, зашто за време на празниците се намалени тестирањата, а дел од здравствените заводи немаат доставено податоци.