1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Коронавирусот и опасноста од 5Г: Тешка и опасна глупост!

БГ /РТР
7 април 2020

Лажните вести за опасноста од новата 5Г телекомуникациска мрежа деновиве се актуелни и во Македонија, иако за среќа со помали последици. Во Британија се оштетуваат предаватели иако немаат врска со 5Г мрежата.

https://p.dw.com/p/3abSA
Schweiz Demonstration 5G
Фотографија: picture-alliance/Keystone/A. Anex

Најмалку 20 телекомуникациски столбови биле запалени или оштетени од четвртокот до понеделникот во Велика Британија. Причината е кружењето на теориите на заговор кои ги поврзуваат предавателите за 5Г мобилната мрежа со ширењето на коронавирусот. Британските власти ваквите случаи ги карактеризираат како опасни лажни вести кои се целосно погрешни.

„Ова е глупост, притоа и многу опасна глупост“, изјави викендов британскиот министер Мајкл Гоув запрашан да ја коментира „теоријата“ дека коронавирусот се шири преку предавателите на 5Г мрежата.

Отежната реакција на пандемијата
Поради бавното ширење на 5Г мрежата во Британија, предавателите кои биле оштетени воопшто и не ја поседувале оваа технологија, односно направена е штета на столбови кои ги пренесувале постарите 2Г, 3Г и 4Г мрежи. Поради тоа многу корисници останале без телефонски и интернет услуги. 

5G Mobilfunkauktion
Британските власти ваквите случаи ги карактеризираат како опасни лажни вести кои се целосно погрешни.Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

- повеќе: Болеста на теориите на заговор: Од чума до коронавирус
Директорот на британската здравствена служба Стивен Повис изјави дека конспиративните теории поврзани со 5Г се лажни вести без никаква научна подлога со кои само се отежнува реакцијата на пандемијата.

„Приказната за 5Г е комплетно и целосно ѓубре, тоа е глупост, тоа е најлош вид на лажни вести“, изјави Повидс. „Реалноста е дека мобилната телекомуникациска мрежа е апсолутно критична за сите нас“.
„Тоа се телефонски мрежи кои се користат од нашите итни служби и нашите медицински работници и јас сум навистина бесен и згрозен што луѓето ја оштетуваат токму инфраструктурата која ни е потребна за да одговориме на оваа медицинска вонредна состојба“, рече Повис.

Водечките британски телекомуникациски оператори се загрижени и за безбедноста на своите вработени, особено на техничарите кои работат на предавателите.

Од компанијата Водафон оценува дека таквите напади сега стануваат и прашање на национална безбедност.

Целосно неосновани приказни

„Неверојатно е дека некои луѓе би сакале да ја оштетат токму мрежата која овозможува неопходна поврзаност со медицинските служби, и остатокот од државата во ова време на изолација“, изјави шефот на Водафон Ник Џефри. Тој рече дека инженерите кои работат на терен се „херои“ и ги повика граѓаните да не шират „целосно неосновани“ приказни. 

- повеќе: Јужна Кореја е прва земја со 5Г технологија

И покрај повторените уверувања од надлежните институции дека 5Г мрежата е безбедна, неосновани теории за наводни ризици долго време се повторуваат на маргините на социјалните мрежи- пракса која се случуваше и со претходните генерации на телекомуникациска технологија. Но, последниве недели се случува експлозија на тврдења кои ја поврзуваат 5Г мрежата со пандемијата на коронавирусот- поттикната и од некои познати личности и инфлуенсери- што пак ги става и индустријата и владите во ситуација да демантираат вести кои немаат врска со вистината. Во изминатите недели Фејсбук веќе избриша повеќе страници кои охрабруваа напади врз базни станици на телекомуникациските оператори.