1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конфузна надворешна политика на Србија

8 декември 2010

Србија е една од 19-те земји кои нема да присуствуваат на доделувањето на Нобеловата награда за мир на кинескиот дисидент Лиу Шијаобо, во петок, во Осло. Дали е тоа знак за доследна или конфузна надворешна политика?

https://p.dw.com/p/QTDa
Министерот за надворешни работи на Србија, Вук ЈеремиќФотографија: DW

За одлуката на Србија да не учествува на церемонијата на доделувањето на Нобеловата награда за мир нема објаснување од српското Министерство за надворешни работи. Наместо тоа, белградските медиуми само ја пренесоа изјавата на српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ дека Белград ги почитува човековите права, но и билатералните односи со Кина.

Мала земја не може да ги собира големите сили

Србија и претходно нагласи дека нејзината надворешна политика се базира врз четри столба: Вашингтон, Брисел, Москва и Пекинг. Професорот на Факултетот за политички науки Предраг Симиќ за Дојче веле предупредува дека таквиот надворешно-политички концепт е пред се‘ конфузен.

Norwegen Oslo Friedenspreis Gebäude
Србија ќе нема претставник на церемонијата во Нобеловиот мировен центар во ОслоФотографија: AP

„Не може една мала земја околу себе да ги собира големите сили. Таа може да биде само наклонета кон една од нив. Така што обидот да се задоволат сите водечки сили, порано или подоцна води до вакви дилеми, како што е оваа за која сега зборуваме. Лично мислам дека на Србија местото и‘ е во Европската унија, а тоа е мислам и нејзина глава стратешка цел. Затоа сметам дека српска политика би требало да биде токму таквата ориентација, значи не кон четри столба, туку кон една доминантна цел, а во склоп со таа цел потоа и односот кон другите земји“, смета професорот Симиќ.

Кацин е „шокиран“

Известувачот од Европскиот парламент за Србија Јелко Кацин изјави дека е шокиран од одлуката на Србија да не присуствува на доделувањето на Нобеловата награда за мир на кинескиот дисидент Лиу Шијаобо, во петок (10.12) во Осло.

„Нема ниту една земја кандидат за членство во ЕУ, или потенцијален кандидат, која на таков начин ја манифестира својата сервилност“, вели Кацин за Дојче веле.

Кацин оцени дека Србија „во својот однос кон прашањата за човековите права ја покажала својата начелна политика“.

„Има време за Кабила, а нема време за Осло и Нобеловата награда“, рече Кацин алудирајќи, веројатно, на минатогодишната посета на министерот за надворешни работи на Србија во Демократска Република Конго и неговата средба со претседателот на таа земја Жозеф Кабила.

Известувачот на Европскиот парламент вели дека „тоа е доказ оти за српската надворешна политика е потребна вистинска дебата, не само во Србија туку и во ЕУ.“

Србија и‘ е благодарна на Кина заради поддршката околу Косово

Германскиот аналитичар Александар Рар смета дека Србија и уште неколку други земји го откажаа своето присуство на доделувањето на Нобеловата награда од економски причини. Не е тајна дека Кинезите на многу земји им нудат поволни кредити, меѓу кои се и високомилионските износи за градење мостови во Србија.

„Во случајов Србија треба да напомене дека Кина од самиот почеток е водечка сила која го поддржувала политичкиот став на Србија, со тоа што не го призна Косово. Затоа и овој гест на Србија е потполно јасен! Србија не сака да ги расипе односите со Кина, и на овој начин сака да и ја покаже својата благодарност за поддршката која Кина и ја даде на Србија во тешките моменти на отцепувањето на Косово.“

Автор: Марина Максимовиќ/ Ивица Петровиќ

Редактор: Симе Недевски