1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контури на коалициите за предвремените избори

Александар Чомовски30 април 2008

ВМРО ДПМНЕ ја формира својата коалиција за предвремените парламентарни избори. Ги нема ветераните на либералот, Стојан Андов, кои на изборите ќе одат во сојуз со СДСМ.

https://p.dw.com/p/DrGi
Никола Груевски во јули 2006 година по победата на претходните избориФотографија: AP

Со висок личен рејтинг и двојно повисока доверба на избирачите од онаа што ја има СДСМ, Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ се во предност на стартот на изборната кампања. Кон нив се враќа и ВМРО Македонска на Борис Стојменов. Груевски објави: „Со господинот Борис Стојменов и ВМРО Македонска денеска договоривме соработка, договоривме коалиција и подлабока соработка во иднина.“

Борис Сотјменов вели дека подолго време бил пасивен во политиката, од која дури мислел и да се откаже, бидејќи поради возраста сакал да ја предаде партијата во рацете на помладите.

Груевски најави дека утре ќе го соопшти комплетниот состав на коалицијата со која ќе настапи на изборите. Утре се очекува да биде соопштен и проевропскиот блок, собран околу Радмила Шеќеринска и СДСМ. Таму се враќаат фракционерите од НСДП, како и стариот партнер – ЛДП.

Кај албанските избирачи битката ќе се води меѓу ДУИ и ДПА, а нивните лидери, Али Ахмети и Мендух Тачи ќе се судрат во шестата изборна единица, во која околу 80% од избирачите се Албанци. Вонредните парламентарни избори во Македонија ќе ги следат мисиите на ОБСЕ, ЕУ и САД. Граѓанската асоцијација МОСТ ќе набљудува со над 3 500 свои доброволци.