Контроверзниот енергетски курс на Полска
8 декември 2013Руините на Зарновиец, на еден ипол час возење северно од Гдањск, стојат како споменик, иако беа замислени за друга намена. Овде се распаѓа досега единствениот атомски проект на Полска. Изградбата на двата реактора започна во 1983, но по катастрофата во Чернобил беше запрена со решение на граѓаните.
Долго време потоа атомската енергија во Полска ретко се спомнуваше. Денес 90 проценти од енергијата се добива од јаглен. Но сега владата планира нова енергетска ера, вклучително и атомска енергија. За критичарите тоа е неразбирливо.
„Полска има неверојатни капацитети за обновливи енергии и неверојатни капацитети за заштеда на енергија. Но акцент не се става врз тоа, туку врз мегаломански проект. Ние треба да се насочиме кон иднината, а не кон минатото“, вели Јан Хаверкамп од Гринпис.
Но токму со тоа Полска има проблем. Владата планира на ова место по 10 години да стојат две нови атомски централи со моќност од шест илјади мегавати, директно на брегот на Балтичкото море, каде има доволно вода за ладење. Тоа што пределот е природен резерват, е споредна работа.
Полска така развива, како што велат тука, „алтернативни енергии“: атомска енергија и гас добиен со фрекинг. На многу места, како и недалеку од Зарновиец, енергетски концерни од пред две години вадат нафта и гас. Длабоко под земјината површина, тука се наоѓаат веројатно најголемите резерви на гас во Европа.
Во Варшава сонуваат за енергетска независност. Тоа првенствено би значело крај за увозот на гас и нафта од толку неомилената Русија. Државна логика,која го потхранува и влезот во атомската програма.
„Одамна планираме да се потпреме врз атомска енергија. Тоа остана наша цел дури и кога беше сопрен Зарновиец. Германија со децении користи атомска енергија и, меѓу другото, благодарение на сигурното снабдување со енергија се разви во економска сила.“ , истакнува Томаш Новацки од министерството за економија.
Јасно е дека ова е дебата која ги поларизира Полјаците. Атомска енергија, да или не. Полјаците се во дилема за идниот енергетски курс. Но, целта е барем јасна: посилен економски развој и благосостојба. Заштитата на климата не треба да биде пречка за тоа.