1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроверзи поради предложениот закон за абортус

Г. Хеџкоу / Б. Георгиевски17 февруари 2014

Владините планови за заострување на правото на абортус за жените во Шпанија наидуваат на жестоки реакции. Критичарите велат дека законот е враќање во времето на десничарската диктатура.

https://p.dw.com/p/1B8RT
Фотографија: Reuters

Десетици жени носат голем плакат за време на протестите во населбата Маласана во Мадрид. На него пишува: „Слободен и достапен абортус“. Нивните протести се токму заради тоа. Илјадници жени се противат на владината реформа на законот за абортус.

Протестите од 8. февруари беа последни во серијата демонстрации против законот кои се одржаа низ цела Шпанија. На почетокот на февруари, т.н. „Воз на слободата“ полн со активисти допатува од северот на Шпанија во Мадрид, каде беше изразен револтот. Во меѓувреме и активистките на меѓународната феминистичка група Фемен напаѓаа политичари и видни членови на Католичката црква за кои сметаат дека стојат зад промените.

Абортус само во исклучителни ситуации

Со законот се заоструваат правилата за абортус - имено, само во случај бременоста да настанала како резултат на силување или доколку здравјето на жената е во опасност. Во моментов, согласно законот кој го донесе претходната влада во 2010. година, абортусот е дозволен без ограничувања до 14. недела од бременоста. Новиот предлог закон е уште построг и од оној донесен во 1985. година.

„Ова не става зад остатокот од Европа, не само во поглед на правата на жените во однос на мајчинството“, вели Марија Солето, која учествуваше на протестите на 8. февруари. Таа е портпарол на организацијата „Ние одлучуваме“ која е една од најактивните во оспорувањето на законот. „Исто така веруваме дека оваа реформа ќе има многу негативен ефект врз јавното здравје и врз здравјето на жените“, додава таа.

Владата го откри законот пред Божик, надевајќи се дека тој без проблеми ќе мине во Конгресот и ќе биде одобрен без поголеми потреси. Заострувањето на правото на абортус, на изборите во 2011. година беше дел од манифестот на Народната партија, која е многу блиска до Католичката црква. Министерот за правда Алберто Руиз Гајардон е предводник на реформите, опишувајќи ги како „најпрогресивен закон на владата“. Наспроти критиките, тој вели дека „реформите ја прават земјата авангарда на 21. век“.

Spanien Femen Protest im Parlament von Madrid
Протести на Фемен против законотФотографија: picture-alliance/dpa

Освен уличните протести, реформите се жестоко напаѓани и од опозициските партии во парламентот. „Ние нема да запреме додека владата не го повлече законот, кој всушност е начин да се задоволи екстремната десница“, изјави Алфредо Перез Рубалкаба, лидер на опозициската Социјалистичка партија на последната дебата во парламентот. Последните анкети покажуваат дека 80 проценти од Шпанците не ги поддржуваат реформите.

Рубалкаба говореше на 11 февруари во рамките на обидот на Социјалистите да го блокираат законот во пресрет на конечното гласање најавено за пролетоска. Но, Народната партија, која ужива големо мнозинство во парламентот, победи на гласањето со 183 гласа, наспроти 151.

Нејасно е дали владата ќе прифати некакви измени во законот пред неговото конечно гласање, особено што веќе се појавуваат знаци на незадоволство и во редовите на владејачката Народна партија. Мислењата во шпанското општество се радикално поделени.

Козметички промени

Алваро Гутиерез, од организацијата Католички гласови, смета дека предложените реформи се само козметички. „Реформите ќе го сменат начинот на кој се третира абортусот, тоа повеќе нема да биде 'право' туку ќе биде ’криминал без последици’, но нема практична разлика. Ова е само обид да се замолчи движењето 'За живот'“, вели Гутиерез. Тој, како и многу други католици, верува дека дозволувањето на абортусот под одредени услови е само малку подобро од она што сега се нуди.

Spanien Mariano Rajoy Ministerpräsident Wahl Perez Rbalcaba
Перез Рубалкалба (лево) е противник на законотФотографија: picture alliance/dpa

Од друга страна, критичарите велат дека доколку реформата се имплементира ќе има големо влијание врз околу 100 илјади абортуси кои се регистрираат секоја година во Шпанија. Емпар Пинеда, директорка на приватна клиника која изведува абортуси, го поддржува правото на жените на абортус уште од 1970. година. Таа предупредува дека бремените жени ќе мораат да одат во странство или да посетуваат нелегални клиники, каде ризикот по нивното здравје ќе биде поголем. Таа исто така смета дека реформите потсетуваат на диктаторскиот режим.

„Овие реформи жените ги третираат како вечни малолетници на кои им треба контрола и заштита од други кои наводно го имаат авторитетот да одлучуваат дали тие можат да абортираат или не“, вели Пинеда.