1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроверзи околу демонстрациите за поддршка на Ердоган

Д. Брајтенбах/Н. Домазетовиќ30 јули 2016

Германскиот град Келн се подготвува за големите демонстрации во недела за поддршка на турскиот претседател. Истовремено најавени се и протести против Ердоган. Демонстрациите следат по неуспешниот обид за пуч во Турција.

https://p.dw.com/p/1JXkr
Türkei Anhänger des türkischen Präsidenten Tayyip Erdogan
Фотографија: Reuters/B. Ratner

„Зошто се дозволени демонстрациите?“, гласи еден од насловите на интернет-страницата на полицијата во Келн. Истото прашање го поставуваат и многумина граѓани во пресрет на големиот протест организиран од Унијата на европски-Турски демократи (UETD), кои го поддржуваат Ердоган. Најавени се и група помали протести против Ердоган, досега најмалку пет.
Во нашата демократија секој има право да одржи мирен собир без оружје, пишува во соопштението за јавноста издадено од полицијата од Келн. „Практикувањето на ова право не зависи од политичкиот контекст или одредена идеологија.“ Во соопштението се додава: „Не е работа на полицијата да дозволува или забранува демонстрации, туку да го обезбеди правото на собир. Забранување на протест е опција само во исклучителни случаи.“

Исто така, полицијата предупреди дека никој не може да предвиди како ќе се одвива протестот и затоа и дадоа на знаење на јавноста дека се спремни да реагираат на било каков акт на насилство.

„Запрете го лудилото“

Околу 2.000 полициски службеници од целата земја ќе го обезбедуваат просторот во недела, вклучувајќи и офицери кои зборуваат турски јазик и кои би можеле да интервенираат доколку има потреба. Се очекува на протестот да се појават околу 15.000 демонстранти.

Protest gegen Erdogan-Besuch in Köln 24.05.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Германија живеат околу три милиони Турци. При предизборната посета на Ердоган на Германија во 2014 година, десетици илјади Турци жители на Германија се собраа да му изразат поддршка.

Во меѓувреме, граѓаните на Келн инсистираат градот да го „запре лудилото“. До уредникот на локалниот весник „Келнер штат анцајгер“ во средата пристигнаа писма кои изразуваат загриженост дека слободата на јавно собирање се злоупотребува, но исто така и запрепастеност затоа што „се дозволени демонстрации за поддршка на диктаторот Ердоган“. Некои од читателите се ужаснати од тоа што протестот воопшто бил дозволен. „Не смееме да дозволиме ширење на пропаганда за странски политичари во Германија“, велат тие.

Уставно право

Феликс Буцлаф, од Институтот за истражување на демократијата во Готинген, за ДВ изјави дека граѓаните можат да ги сметаат демонстрациите за проблематични, но тоа не треба да поттикнува размислување за ограничување на слободата на собирање во Германија.

Сепак, не е новост во Германија да се одржуваат демонстрации или собири кои во фокусот имаат странски политички лидери, ни вели Феликс и не потсетува на протестите против војната во Виетнам во 1970 години, како и на посетата на Барак Обама која беше емитувана на сите медиуми. Покрај сѐ, тој е загрижен дека се подгреваат тензиите помеѓу турската заедница во Германија, за што конзервативните германски политичари веќе зазедоа став.

„Домашната политика на Турција не смее да се одвива на германска почва“, изјави Андреас Шојер, генерален секретар на Христијанската социјална унија (ЦСУ) и додаде дека луѓето кои сакаат да се занимаваат со домашната политика на Турција можат слободно да ја напуштат Германија и да се вратат во Турција. Не носете ги политичките проблеми на Турција во вашите домови во Северна Рајна-Вестфалија, изјави покраинската премиерка Ханелоре Крафт. Таа додаде дека секој има право да протестира за своите убедувања и упати апел до граѓаните „да бидат разумни и пред се мирољубиви.“