Кондом што спречува силување
7 октомври 2009Жената која одлучи да стави крај на силувачите е Јужноафриканката Сонет Елерс. Таа веќе неколку години се грижи за жените кои го поминале пеколот наречен силување. Така, само едно предавање за нејзиниот изум беше доволно за во еден јужноафрикански град бројот на силувачите за само неколку месеци да се намали на нула, вели Сонет: „Директорот на полицијата ми рече: Сонет, по твоето предавање, три месеци не сме имале ниту едно силување.“
Боцките ги штитат жените
Стравот од т.н. кондом „Rape-aXe“, што во слободен превод би требало да значи „секира за силувачите“ е сосем оправдан. Имено, кога мажот ќе сака да ја силува жената, која претходно го ставила тој кондом, при обидот за силување ќе му се забијат мали боцки во половиот орган.
„Rape-aXe е кондом за жени, кој при силувањето се претвора во кондом за мажи. Тој кондом е од латекс и пластика, а боцките од внатрешната страна се така конструирани, што мажот не може да ги извади, па мора итно да отиде во болница и да ги отстрани“, објаснува Сонет Елерс.
Но тука исто така се поставува прашањето: нели е ова намерно нанесување телесни повреди? - Не!, одговараат членките на организацијата за женски права „Terre de Femmes“. Тие аргументираат дека мажот е тој кој и‘ нанесува болка на жената, односно дека боцките на кондомот им служи на жените како одбрана. Поради тоа, „Terre de Femmes“ го поддржува проектот „Rape-aXe“, бидејќи со тоа жените ќе можат конечно да се заштитат себе си.
Бесплатен за жените на кои им се заканува најголема опасност од силување
Поради својата практичност и затоа што воедно ги присилува силувачите со доаѓањето во болница да го признаат силувањето, кондомот би требало да се најде во продавниците ширум светот. Кога точно тоа ќе се случи – се‘ уште не се знае. Во Малезија веќе се произведува. Меѓутоа целта е Rape-aXe да им се понуди бесплатно на жените кои не можат да го купат, а на кои најмногу им се заканува опасност од силување.
Автор: Хенрите Вреге / Ана Алибегова
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска