1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коло на изненадувања

24 август 2009

Во третото коло во новата сезона во Бундеслигата, Хамбургер го совлада нагости шампионот Волфсбург, Бохум ја совлада Херта од Берлин. А, вечниот фаворит Бајерн го бележи најлошиот старт во сезоната по цели 43 години.

https://p.dw.com/p/JH9f
Играчите на Хамбургер прославуваат еден од головите против ВолфсбургФотографија: AP

Актуелниот германски првак Волфсбург, по 20 натпревари без пораз, за првпат беше совладан на домашен терен. Волците загубија во дербито против Хамбургер со 4:2 и по двете првични победи ја почувствуваа горчината на поразот. Хамбургер заслужено победи откако во текот на целиот натпревар играше со високо темпо и силен морал. Тренерот Бруно Лабадиа се радуваше за успехот, меѓутоа укажа и на она што му претстои на неговиот тим:

„ Се’ на се’ еден многу возбудлив натпревар. Сметам и дека заслужено победивме. Инвестиравме многу против една врвна екипа. Меѓутоа знаеме дека има уште некои работи на кои мора интензивно да работиме. Веќе од утре ќе мора да се концентрираме на настапот во Европската лига.“

Вердер влегува во форма

Со оваа победа Хамбрургер се проби на второто место на табелата, која со ист број бодови ја предводи Бајер Леверкузен. На третото место, исто така се седум бодови, е тимот на Шалке, кој во петокот одигра без голови нагости кај Хофенхајм.

Вердер од Бремен во третото коло можеше да се израдува на првата победа. На домашниот стадион Везер, избраниците на тренерот Томас Шааф извојуваа убедлива победа против Борусија од Менхенгладбах со 3:0. Вердер ги контролираше играта и исходот во текот на целиот натпревар, што за немоќната Борусија значеше прв пораз сезонава. Томас Шааф во мечот изјави:

Fußball Bundesliga Werder Bremen - Borussia Mönchengladbach
Клаудио Пизаро се врати во Бремен и веќе во првиот натпревар постигна два голаФотографија: AP

„Ни‘ требаше трпение, но покрај тоа и притисок. Требаше да вршиме постојано притисок и тоа екипата добро го направи. Денеска покажа значително подобра игра и далеку поинтензивно се придржуваше кон работите кои ги договоривме. Се виде дека потоа може да има и добра игра.“

Екипата на Бохум, исто како и Вердер, се израдува на првата победа сезонава. На домашен терен против Херта од Берлин, тимот на тренерот Марсел Колер славеше со минимални 1:0. За Берлинчани ова беше втор пораз по ред и веќе се говори за лош старт на сезоната. Тренерот на Херта, Лусиен Фавре ги бараше причините за слабите настапи на неговите играчи:

„Ова е тежок почеток за нас, зашто во моментов ова е друга екипа, тоа е јасно. Повторно мораме да најдеме нови комбинации и шеми во играта. Во одбраната беше добро, додека во средината и во нападот, пред се’ во нападот, мораме да најдеме нови комбинации, а за тоа едноставно треба време“

Бајерн Минхен само на 14-то место

Рекордерот во титули во Бундеслигата и вечниот фаворит број еден во шампионатот, Бајерн Минхен, веќе по третото коло се наоѓа во криза. Во саботата, ѕвездите на Бајерн го претрпеа првиот пораз во историјата на клубот од екипата на Мајнц со 1:2. По две нерешени средби, Баварците се’ уште чекаат на првата победа под водството на тренерот Луи Ван Хаал. Последен пат Минхенчани останале без победа во првите три кола на Бундеслигата во 1966 година, значи пред 43 години. По мечот Луи Ван Хаал истакна:

Fußball Bundesliga 1 FSV Mainz 05 - FC Bayern München Thomas Tuchel
Тренерот на Мајнц, Томас Тухел ја слави историската побeда над БајернФотографија: AP

„Тоа беше големо разочарување за мене, но и за играчите. Мислам дека второто полувреме беше подобро, со повеќе страст. Но, тоа е секогаш предоцна во спортот. Мора да се започне да се игра од првата минута, а ние не го направивме тоа. И потоа последицата гласи: пораз.“

И додека Баварците се наоѓаат на, за нив, невообичаеното 14 место на табелата, Бајер Леверкузен со победата од 5:0 нагости кај Фрајбург си го обезбеди првото место. По оставката на тренерот Дитер Хекинг, пак, изгледа дека екипата на Хановер како да доби крилја. Под водство на привремениот тренер Андреас Бергман Хановер победи на гостински терен во Нирнберг со 2:1. Во останатите средби, пак, Борусија Дортмунд мораше да се задоволи со нерешен резултат 1:1 на домашен терен против силниот Штутгарт, а реми без голови одиграа и екипите на Келн и Ајнтрахт од Франкфурт.

Автор: Кале Копс / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска