1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Осомничениот напаѓач во Колорадо е уапсен

ЕМФ | агенции
23 март 2021

Во напад во супермаркет во Болдер, во американската сојузна држава Колорадо, се убиени најмалку десет луѓе. Напаѓачот е уапсен.

https://p.dw.com/p/3qzmS
USA Schütze in Supermarkt im US-Bundesstaat Colorado
Фотографија: Cecil Disharoon/REUTERS

Само една недела по атентатот во Џорџија, нов напад во САД: во супермаркет во Болдер, во сојузната држава Колорадо, вооружен напаѓач уби најмалку десет луѓе. Осомничениот напаѓач е уапсен, соопшти полцијата. На снимки од Болдер се гледа како полицијата спроведува маж белец на средна возраст, кој крвари, но засега не дава потврда дека тој е осомничениот напаѓач. Полицијата само соопшти дека уапсила тешко повредено осомничено лице. Засега нема наводи ниту за мотивот за нападот.

Нападот се случил во текот на попладневните часови по локално време. Во супермаркетот се слушале пукотници кои станувале сѐ погласни и се приближувале сѐ повеќе, раскажа за телевизијата Си-Би-Ес, Невин Слоун, кој со својата сопруга успеал да избега преку излезот за итни случаи. „За малку ќе загинев додека купував сок и чипс“, рече Рајан Боровски за Си-Ен-Ен.

USA Schütze in Supermarkt im US-Bundesstaat Colorado
Меѓу жртвите во Колорадо има и еден полицаецФотографија: David Zalubowski/AP/dpa/picture alliance

Полицијата интервенирала со голем број полицајци. На местото на убиствата има припадници на специјалните сили, оклопни возила, како и возила за брза помош. Меѓу десетте жртви е и 51-годишниот полицаец Ерик Тали, соопшти шефицата на полицијата во Болдер, Марис Херолд. Таа го истакна „херојството“ на полицаецот кој бил еден од првите кои пристигнале на лице место. Херолд додаде дека смета со „многу комплексна истрага“ во наредните денови.

USA | Schütze in Supermarkt im US-Bundesstaat Colorado
Една од преживеаните во нападот бара утеха откако успеала да побегне од супермаркетотФотографија: Alyson McClaran/REUTERS

Пред само една недела се случија напади врз три студија за масажа во сојузната држава Џорџија, при што беа убиени осум лица, од кои шест жени со азиско потекло. Американскиот претседател Џо Бајден во февруари се изјасни за заострување на законите за оружје во земјата. Тој апелираше до Конгресот да постигне согласност за „разумна“реформа во таа сфера.