Колку ракети планира да испали Ким?
11 април 2013Американскиот министер за одбрана, Чак Хејгел изјави дека Северна Кореја се наоѓа близу до „црвената линија“.
„Северна Кореја со својата реторика и агресивни дејства се доближува многу брзо до опасната линија. Нивните акции и изјави не помагаат да се намалат тензиите од ситуацијата која е критична“, изјави Хејгел.
Според него, САД се во состојба да ги заштитат своите граѓани и жителите на државите сојузници ако „Пјонгјанг преземе какви било акции“.
Според проценките на јужнокорејската војска, Северна Кореја се подготвува можеби за истовремено испалување на повеќе ракети. Пјонгјанг по должината на Источниот брег имаат поставено повеќе мобилни стартни ракетни рампи. Сеул како многу веројатна ја оценува можноста да биде испалена ракета со среден дострел.
Јужнокорејските медиуми пишуваат дека станува збор за една или две ракети со среден дострел, но се шпекулира и за Скад ракети со дострел од 300 до 500 километри и Нодонг-ракети, кои стигнуваат и до 1300 километри.
Најмалку една балистичка ракета на источното крајбрежје на Северна Кореја е ставена во стартна позиција на мобилна лансирна рампа, соопшти во Токио и портпаролот на Министерството за одбрана на Јапонија. Тој истакна дека податоците ги добил од вселенското разузнавање.
Доколку дојде до ракетен тест, тоа дополнително ќе ја усложни и така тензичната ситуација на Корејскиот Полуостров. Армиските сили на САД и на Јужна Кореја се во состојба на зголемена готовност.
Северна Кореја, по изведениот атомски тест на крајот на февруари, им се закани на САД и на Јужна Кореја со војна. САД одговорија со преместување на борбени авиони и бродови во регионот.