1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е сигурен Тупољев Ту-154 - „воздушната Лада“?

Јан Валтер
28 декември 2016

Истрагата ја анализира црната кутија по падот на рускиот авион над Црното Море. Тупољев припаѓа на застарена генерација џетови, но сепак не претставува безбедносен ризик.

https://p.dw.com/p/2UxOn
Russland Tupolev 154
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nemenov

Причините за несреќата уште не се јасни, според истражителите, падот може да бил предизвикан од  неквалитетно гориво, туѓ објект во моторот или пилотска грешка. За веројатен се смета и технички дефект. Но, авион од типот Тупољев не паѓа туку-така, тврди еден експерт за воздушен сообраќај за новинската агенција Спутник, блиска до руската влада.Воениот авион во саботата се урна во морето, кратко по стартот. Сите 92 патници загинаа.

Авионот од типот Ту-154 меѓу 1968. и 2013. година е произведен преку 1000 пати и со децении е еден од најкористените авиони за средно долги дестинации во Русија. Во моментов постојат околу 300 авиони Тупољев, 100 се редовно во сообраќај, меѓу другото и кај руската војска. Најголемата руска воздушна компанија Аерофлот своите последни Ту-154 ги исклучи од употреба во 2009. година.

Deutschland Lufthansa Piloten Streik
Ербас А380 - техниката не е гаранција против несреќиФотографија: picture alliance/dpa/D. Reinhardt

ТУ-154- безбедносен ризик?

Ту-154 не е отелотворение на врвна технологија во авијацијата. Благодарение на силните мотори тој развива големи брзини, но затоа троши повеќе гориво од помодерните авиони на средни дестинации. Поради големата бучава, во ЕУ се дозволени само поновите примероци, чии мотори се доопремени со еден вид пригушувач.

И во пилотската кабина преовладуваат конзервативни решенија наместо висока технологија, објаснува Михаел Санто, експерт за воздухопловство во германската консултантска фирма  h&z: „Ту-154 е конструиран за слетување и на позафрлени аеродроми, кои не располагаат со комплетна инфраструктура. “ Во нужен случај, дури и без изградена патека за слетување и полетување: „Тие се доволоно робустни за слетување дури и на 'тревни писти'“, се шегува Санто.

Тоа што и руските авиокомпании зачестено преферираат понови модели, не се должи на недоволната доверба во Ту-154, туку причините лежат во комфорот и економичноста. „Овој авион е нешто како воздушна 'Лада'“, објаснува Санто. 

Во основа, меѓутоа, застарената авионска техника на Тупољев не претставува безбедносен ризик, тврди експертот: „Многу поважно од староста на еден авион е бројот на часови поминати во лет, бројот полетувања и слетувања, како и редовните и консеквентни сервисирања.“

Деновиве паднатиот Тупољев бил стар 33 години, други се во редовна употреба и до 40 или 50 години по производството. Авионот кој се урна во Црното Море зад себе имал 6689 часа лет. И хамбуршкиот новинар и воздухопловен експерт Корд Шеленберг вели: „Овој авион всушност, доколку бил добро сервисиран, би требало да биде во технички одлична состојба.“

Russland Flugzeugabsturz bei Sotschi - Bergung
Потрага по преживеани и делови од паднатиот авион Ту-154Фотографија: picture-alliance/TASS

И старите авиони можат да бидат безбедни

Тогаш, дали целата таа техника во авионите Ербас, Боинг и слични е непотребна? Во никој случај, вели Санто, таа може да ја растовари посадата и нуди дополнителни информации. Но, основните инструменти, како мерачот на висината на летот, вештачкиот хоризонт и вариометарот -мерачот на вертикалната брзина, не се подобри или полоши ако се аналогни наместо дигитални. 

Фактот дека со растечкиот број на часови поминати во лет опаѓа бројот на авионски несреќи, важи уште од времето на Ту-154, и има релативно мала врска со преминот од аналогни кон дигитални инструменти, вели Санто. Во пилотската кабина се посебно важни два система: ГПВС(Ground Proximity Warning System), кој ги предупредува пилотите од преголемо приближување кон земјата, и ТЦАС (Traffic collision avoidance system), кој спречува колизија меѓу два авиони, давајќи им сигнали на двајцата пилоти. Практично, истакнува Санто, со овие инструменти денес се опремени сите авиони, независно од годината на производство. Најчеста причина за авионски несреќи се човечки грешки, било при сервисирањето или од страна на екипажот во авионот.

Важни се транспарентност и разјаснување

Сега е важно истрагата да ја открие вистинската причина за несреќата. Тоа им е значајно не само на блиските роднини на загинатите, туку претставува и појдовна точка за спречување на идни несреќи. Двајцата експерти се единствени, тоа во минатото не било случај секогаш. Токму кога станува збор за Русија, постои  чувство дека ваквите истраги често се под влијание на политиката, вели Санто.

И во актуелниот случај, различни портпароли побрзаа да исклучат различни причини: „Се разбира, исчезнувањето авион на министерството за одбрана од радарот и загинување луѓе, не е сликата која воената сила Русија сака да ја презентира за себе “, вели Шеленберг.

Истрагата за пад на авион трае со месеци или дури и години. Но, руските власти уште сега сакаат да исклучат терористички напад. Притоа, кај Шеленберг се вклучува алармот:: „Истражителите прво треба да ги соберат и истражат сите делчиња од слагалката, пред да решат кои можности ќе ги исклучат.“