1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку вевчанци профитираат од карневалот?

14 јануари 2012

Вевчани е епицентар на Василичарската карневалска треска во Македонија. Паганскиот обичај стана бренд и шанса за економски подем на општината. Гордите и луцидни вевчанци се свесни-од туризмот можат да живеат подобро.

https://p.dw.com/p/13jdS
Карневалот во Вевчани-магнет за туриститеФотографија: DW/Milco Jovanoski

Вевчанци за карневалот ќе ви речат дека постои над четиринаесет векови и дека е стар колку и нивното родно место. Настан со кој се слави доаѓањето на Нова година според стариот православен календар и спој меѓу паганството и совремието. Карневалот е жива специфика и многу посебен од останатите во светот поради архаичноста, таинственоста и уникатните маски. Вевчани одамна излегло од анонимноста по многу нешта. Сепак, Василичарскиот карневал го препознаваат во светот и станува атрактивна туристичка дестинација. Така е и деновиве.

Karneval in Vevcani
Фотографија: DW/Milco Jovanoski

Многу народ по тесните улички, во кафеаните, рестораните. Неколкуте мали приватни хотели, апартмани и вили се пополнети до последно легло и тоа претежно со странци. Од карневалот не профитираат само вевчанци, туку и Охрид и Струга. Во три дена колку што трае карневалската еуфорија на едно место какво што е Вевчани да дојдат вкупно над триесеттина илјади гости не е мала работа. Угостителите се снаоѓаат. На менито нудат локални специјалитети, луканки и кашаник, нешта без кои овие зимски празнични денови не може да се замисли ниту една вевчанска домаќинска трпеза. Вино и топла ракија за сите и во немерени количини за да се издржи темпото на василичарските тајфи, ама и деноноќието во кое речиси никој не спие. И уште нешто многу важно. Секоја вевчанска куќа овие денови е отворена за секој познат и непознат гостин. Со широка насмевка и прегратка вевчаници ги пречекуваат сите и се однесуваат како со стари и долго познати пријатели. Тоа е нивниот квалитет или можеби рецепт за успех. Се прераскажува историјата и вистината за Виа Игнација, вевчанските извори, негибнатата природа, чистиот планински воздух и ред други нешта.

Karneval in Vevcani
Фотографија: DW/Milco Jovanoski

На Вевчани му фали реклама за поголем туристички бум

„Вевчани со карневалот се воздигна на многу високо ниво. Тука доѓаат голем број туристи од целиот свет. Лани од вкупниот број посетители во хотелот, дури осумдесет отсто беа странци. Тоа покажува дека Вевчани економски заживува. Најчесто странците се од Германија и Франција. Многу им се допаѓа природата и планините и се качуваат до врвовите на Јабланица .Тие кои што го сакаат планинарењето и активниот туризам овде си минуваат најубаво. Сепак за Вевчани да врие од гости преку целата година потребна е поголема реклама, а туристичките агенции да го стават во нивните понуди,“ вели Соња Попоска, менаџер на хотелот „Премиер “.

Градоначалникот на Општина Вевчани Перо Илиески не‘ потсетува дека од 1994-та година карневалот е дел од Европската асоцијација на фестивали и дека тој сега е магнет за политчките елити, амбасадорите и дипломатскиот кор, но и туристи од целиот свет, за кои и ден пред карневалот се организираат атрактивни настани: „Карневалот не го промовира само Вевчани, туку и Македонија. Тој е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, од бројни компании, буџетот на општината и локални претпријатија. Точната сума уште не ја знам, но мислам дека карневалот чини околу дваесет и пет илјади евра. Од економски аспект можеби општината профитира најмалку, но профитираат хотелите, рестораните, кафулињата, трговијата, а тоа индиректно е интерес на сите. Само вечерта пред карневалот имаше над десет илјади посетители“.

Karneval in Vevcani
Фотографија: DW/Milco Jovanoski

Вевчанци не седат со скрстени раце – туризмот е нивна шанса

Нека кружи парата, велат досетливите вевчанци. Тие во својата „држава “ си измислија свои пари – личници, а продаваат и вевчански пасоши. Но мислат и на турзмот како движечка економија. За да се зачува автентичноста на селото со Заводот и Музеј од Охрид работат на ревитализација на десет куќи со традиционална вевчанска архитектура кои ќе добијат статус на заштитено добро и преку донаци сопствениците ќе можат да ги реконструираат во гостилници или пансиони.

Мате Гогоски по потекло од Вевчани и екологист со гордост вели дека Вевчанските извори се споменик на природата и дека се ставени во функција на економскиот развој на општината. На пример сите основци од цела Македонија го посетуваат и Вевчани. Тука се организраат ликовни колонии,а се развиваат и проекти кои наскоро Вевчани ќе го направат попривлечно место за живеење и туризам.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Ж. Ацеска