Колбасот со кари добива и музеј
23 август 2009„Берлин без каривурст? Тоа не оди."
„Тоа е омилена храна на Берлинчани. Тоа се јаде во германската престолнина. Во другите градови се јадат регионални јадења, но овде - каривурст.“
„Секогаш може да се јаде. Наутро, попладне, навечер. Навистина секогаш. Едноставно годи.“
„Каривурст во Германија е речиси како културно добро“.
Ова се одговорите на прашањето зошто познатиот колбас сега има и свој музеј во центарот на Берлин. И тоа со карта на светот направена од кари, со многу берлинска кари-историја и со киоск за брза храна. Мајке – Мари Тиле ја подготви изложбата која почнува од далечната 1949 година: Втората светска војна само што заврши, блокадата на Берлин предизвика уште поголема глад во градот разурнат од бомби, а пазарот на црно цутеше.
„Тоа беше возбудливо и турбулентно време во Берлин. Каривурст настана од креативниот пристап и пионерскиот дух кон таа ситуација. Тоа сакаме и да го прикажеме."
Чиј е каривурстот?
Зачинот кари стигнал во Берлин, пред се‘ благодарение на британските војници. Но, дали германскиот каривурст е навистина и берлински? Писателот Уве Тим во својата книга „Пронаоѓањето на каривурст“ напишал дека каривурст е роден во Хамбург. Многу други Германци веруваат дека Рурската област е местото каде што се родил колбасот со кари. Управникот на музејот за каривурст, Мартин Левер, вели:
„Според легендата, каривурст настанал во некое друго место. Но, црно на бело стои дека патентот за сосот е пријавен на име на госпоѓа Хојвер, и тоа се случило во Берлин."
Херта Хојвер, пред точно 60 години, во својот киоск за брза храна во Берлин, мешала кечап со разни билки, а пред се‘ со кари, и со тоа ги воодушевила своите муштерии. Но, без разлика на тоа каде е создаден најпознатиот германски колбас, тој им прираснал за срце на сите Германци:
„Секако дека секој ќе тврди дека најдобриот каривурст доаѓа токму од местото каде што тој живее. Затоа, ова е многу емотивно прашање.“
Автор: Лидиа Лајперт / Ана Алибегова
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска