1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога караваните ќе запрат и светлата ќе згаснат

15 октомври 2021

Каква беше кампањата за локалните избори? Македонски граѓани и аналитичари со различни оценки за канонадата од изборни ветувања.

https://p.dw.com/p/41iCK
Изборната кампања завршува вечерва (15.10.2021) на полноќ. Во недела (17.10.2021) македонските граѓани ќе гласаат на локалните избори.
Изборната кампања завршува вечерва (15.10.2021) на полноќ. Во недела (17.10.2021) македонските граѓани ќе гласаат на локалните избори.Фотографија: MIA

Започна на 27-ми септември, завршува вечерва на полноќ. Кандидатите денеска го трчаат последниот ден од кампањата за локалните избори што ќе се одржат в недела на 17-ти октомври. Делумно и поради дождот, некаде предвреме се демонтирани малите улични штандови, на кои граѓаните во изминатите денови ги добиваа изборните програми на кандидатите, заедно со нивните пораки отпечатени на маички, капи, пенкала, запалки...

Избирачите имаат различен однос кон канонадата од испорачани ветувања што ги слушнаа во деновите од кампањата. А некои решиле и воопшто да не ги слушаат.

„Не ја следев кампањата, зашто со години го слушам истото. Еден ова ќе направел, друг чуда ќе направел, овој чинел, оној не чинел. Искрено да ви кажам, не само што кампањата не ме мотивира, туку ме вознемирува. Ми го качува притисокот“, вели средовечен жител на Скопје.

За разлика од него, на неговата сопруга и биле интересни изборните пораки.

„Навистина бевме бомбардирани со ветувања, ама мене не ми пречи. Сакам да слушнам што нудат и да видам како ќе го претстават тоа. Пред избори нормално е да има малку врева, малку шоу, да биде поинтересно. Но реално кампањата воопшто не ми влијае на изборот. И без неа знам за кого ќе гласам, но сакам претходно сите да ги слушнам“, вели таа.

Други пак иронично реагираат дека не забележале оти имало кампања.

„За која кампања ме прашувате? Кај нас кампањата е тековна состојба 24/7, 365 дена, не се знае ни кога почнува ни кога завршува, бидејќи трае во континуитет“, вели пензионер, а неговите пријатели го одобруваат кажаното - „точно е, живееме во кампања нон-стоп“.

Каква беше кампањата?

Кога изборните кравани ќе запрат и светлата на бините ќе згаснат, не е едноставно да се сумира каква беше оваа кампања. Оценките се различни и кај аналитичарите. Според Алберт Муслиу, ни оваа не била многу поразлична од претходните, но сепак посочува една разлика.

„Накусо, ова беше најмонотоната кампања досега. Евидентно е дека политичките партии не успеаја да ги кренат емоциите кај граѓаните. Во последните денови имавме негативна кампања, но главно беше мирна, невозбудлива. Предност е што помина без националистички испади, со оглед дека овојпат имаше меѓуетнички коалициски блок и кај опозициските партии. Речникот на кандидатите и политичката култура бележат мал напредок во споредба со кампањите за претходните циклуси, но сепак недоволен“, смета Муслиу.

Социологот Илија Ацески, пак, смета дека кампањата покажува дека политичката култура назадува.

„Нема елементарна почит. Речникот кој некои го употребуваат, открива до кој степен се подготвени да внесат примитивизам во битката за власт. Внесувањето на примитивизам поразително влијае кај граѓаните кои секојдневно се соочуваат со нивните егзистенцијални и други проблеми. А пред избирачите партиите се однесуваат како друштва со неограничена неодговорност. Кампањата наликуваше на пазар со истурени производи, каде сите се надвикуваат за нешто што малку има врска со потребите на општините. Низ неа се рефлектира и една политичка вредносна матрица, според која, ако им слугувате на партиите - шансите за успех се многу големи. За жал, на таков начин постојано се ‘маринираат‘ нови генерции“, вели Ацески. 

Уште едни избори во услови на пандемија
Уште едни избори во услови на пандемијаФотографија: DW/P. Stojanovski

Почнува молк

Од полноќ ќе замолчат партиите и кандидатите, но и медиумите. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги извести радиодифузерите дека од 16 -ти октомври, заклучно со 19 часот на 17-ти октомври, важат правилата за изборен молк. За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања. Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со, или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Утре (сабота, 16-ти октомври) ќе се спроведе гласањето за болни и немоќни лица, како и на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19, како и оние на кои им е одредена мерка самоизолација.

Изборите ќе бидат мониторирани од 1.045 акредитирани набљудувачи и преведувачи, од кои 714 се домашни, а другите странски набљудувачи.