1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон го „размонтира“ Трамп

Инес Пол
27 септември 2016

Хилари Клинтон е убедлив победник во ТВ дуелот со својот противкандидат за претседател. Доналд Трамп доживеа вистинска катастрофа, смета Инес Пол

https://p.dw.com/p/2Qdk7
USA Wahlkampf TV Duell
Фотографија: Reuters

Ќе успее ли добро да се однесува? Може ли Доналд Трамп да се воздржи и за време на 90-минутната телевизиска дебата да не ги пцуе странците, жените и муслиманите? Дали ќе изгледа онака како што му доликува на еден претседател на САД? 

Тоа беа прашањата кои го следеа медиумскиот циркус околу првиот ТВ-дуел меѓу Хилари Клинтон и Доналд Трамп. Тажно е што јавното соочување околу најважната политичка функција во светот достигна такво ниво. Но, тоа се прашањата на оваа предизборна кампања, во која на отворена бина не се дискутираше за политички концепти и стратегии, туку за големината на дланките и на други екстремитети. 

Вербални чадни бомби

И? Да, Трамп се однесуваше пристојно, не пцуеше, а не беше посебно агресивен ни кон жените ни кон муслиманите. Тоа додуша не му помогна. Напротив, синоќешниот настап беше доказ дека Трамп минатите месеци беше толку успешен само затоа што неговите вербални чадни бомби свртуваа внимание од неговата тупост. Беше толку успешен и поради тоа што многу медиуми прескокнуваа преку секој стап што го држеше в раце за да си обезбедат внимание, гледаност и заработувачка. Неговите советници очигледно решиле да му извршат мала промена на имиџот - за да ги привлечат традиционалните републикански гласачи кои досега не можеа да поддржат еден таков недоделкан човек каков што е Трамп. Но, стратегијата се покажа како промашување.

DW Mitarbeiterin Ines Pohl
Инес ПолФотографија: DW

Размонтиран пред милионската публика

Хилари Клинтон, пред стомилионската публика и на отворена сцена, го размонтира својот републикански предизвикувач и со иронија и стручност, духовитост и шарм покажа дека од Доналд Трамп не останува ништо кога тој ќе престане со пцовки и невоспитаност да го свртува вниманието од празноста на својата аргументација. Сеедно дали станува збор за надворешната политика, теророт или внатрешната безбедност, па дури и во прашањата за економијата и даночната политика, Трамп нема на лагер ништо повеќе отколку самољубиви фрази полни нелогичност, кои на крајот се губат во празни тврдења.

За секој кој оваа прва ТВ-дебата ја следеше со отворен ум, јасно е дека Трамп синоќа потфрли исто толку бомбастично, колку што се бомбастични и неговите ветувања. А Клинтон уште еднаш потврди колку е подготвена да работи и со каков самопрегор и респект се бори во оваа претседателска кампања.

Во светот во кој граѓаните своите изборни одлуки ги условуваат врз факти и политички концепти, по оваа дебата веќе нема сомнеж дека Трамп едноставно не е во состојба да го преземе тешкото и екстремно претенциозно наследство на претседателот Барак Обама. 

Простор за слушање на сопственото ехо

Но, така е тоа и во општество во кое се‘ поголем број луѓе, благодарејќи на социјалните мрежи, живеат во мали паралелни универзуми кои се првенствено простор во кој се слуша ехото на сопствените убедувања? Дали оваа дебата ќе продре дотаму? Уште е рано за целосно отпишување на Трамп. Ќе има уште дебати и настапи во кои Клинтон ќе може да направи грешки, кои ќе бидат растргнати на социјалните мрежи.

Сепак, сигурно е дека таа излезе како победник од првата телевизиска дебата. Трамп е во нокдаун. А политичарите кои немаат да понудат нешто повеќе од наводниот сјај на својата личност, имаат проблем кога ќе се изгаснат рефлекторите. Клинтон синоќа успеа да го демаскира Трамп, со насмевка на нашминканите усни на една паметна жена.