1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Класика и џез

29 јули 2009

Еден од концертите за паметење на 49-тото „Охридско лето“ сигурно ќе биде синоќешниот (28.07.2009) на „Браќа Клаз и Куба перкашн“.

https://p.dw.com/p/IzIt

Предворјето на катедралната црква Света Софија магично ги спои Куба, Германија и Македонија преку извонредно успешниот концерт на составот „Браќа Клаз и Куба перкашн“. Во ритамот на џез, салса, боса нова, час и половина се нижеа класичните бисери во кои доминираше Моцарт.

Како се „родил“ невообичаениот спој на германската одмереност и кубанската врела крв? Неколку часа пред настапот Килијан Форстер за Дојче Веле откри: „Ние сме комбинација на џез и класична музика. Формирани сме во 1999 година и една година потоа имавме концерт во Хавана. Тогаш, за првпат по пет децении, во една културна размена таму настапи германска музичка група. Така се запознавме со нашите колеги од Куба. Ние таму меѓу себе ги одмеривме сопствените знаења и квалитети. По 3 часа свирка откривме дека можеме да соработуваме и во џез манир да свириме дури и класика. Така ги повлековме нашите пријатели во Германија и го снимивме првото ЦД. Подоцна учевме едни од други. Ние Германците го учевме чувството за ритам што е одлика на Куба.“

„Охридско лето“ преговараше со групата цели три години

За само десет години оваа џез група која на специфичен иновативен начин ја негува класиката е мошне барана низ светот, потврдува Тим Хан: „Сме настапувале многу во Азија, од Сингапур до Турција, на редица џез фестивали во Германија. Во иднина планираме програма со Божикни песни. Имаме постојано барања за настапи во САД. Но, таму засега не можеме да одиме поради одбивањето на властите да им дадат работни визи на нашите колеги од Куба. Се надеваме дека годинава тоа ќе се смени и дека кариерата ќе ја градиме и на тој континент.“

Охридско лето цели три години преговараше со овој извонреден состав кој за време на концертот никого не остави рамнодушен. Селекторката Гордана Јосифова Неделковска рече: „Гледате се исплати нашата упорност. Ова вклучување на еден ваков бенд од светски калибар, значи потврда дека Охридско лето ги следи современите тенденции на сите европски и светски фестивали. Но, овој ансамбл е единствен што прави спој меѓу класичната и џез музиката.“

Logo ENJOY JAZZ

Бројната публика под ведро небо, со отсјајот на месечината и жешкиот кубански ритам слободно танцуваше со изведувачите. Мнозина им се препуштија на несекојдневните ритми кои му прилегаат на град како Охрид . Оценките се идентични: „Светска работа. Беа складни. Феноменално. Јас сум воодушевена.“

„Многу ми се допадна. Беше автентичен, изворен концерт. “

„Мене ми беше одлично. “

Доза на возбуда што успеаја публиката да ја кренат на нозе се почувствува и во гласот на Тим Хан. Тој ја имаше улогата да им се заблагодари за прекрасната вечер, поддршката, убавиот амбиент, за убавата земја, езеро и град. Не пропушти да каже дека и публиката била таа која помогна да функционира флуидот со сцената.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска