1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипар пропушти историска шанса

25 април 2004

Негативниот исход од референдумот за обединување на Кипар ширум светот е дочекан со изјави на жалење

https://p.dw.com/p/AcNv

Генералниот секретар на ОН Кофи Анан, кој и лично се заангажира во посредувањето меѓу грчката и турската заедница на поделениот остров, нагласи дека негативното гласање на грчките Кипрани претставува пропушатена историска шанса. Неговиот пратеник за Кипар, Алваро де Сото во Никозија посочи:

“Единствена и историска шанса за решавање на кипарскиот проблем е пропуштена. Генералниот секретар има намера внимателно да ги проучи импликациите од ваквиот исход, а во меѓувреме Кипар ќе остане поделен и милитаризиран и нема да може да ги користи поволностите што ги предвидуваше компрмисното решение“ - посочи Де Сото. ОН објавија дека планираат затворање на неговата канцеларија во Никозија.

Еврокомесарот за проширување Гинтер Ферхојгфен, кој исто така го вложи личниот авторитет во посредувањето за обединување на Кипар оцени:

“Политичката штета е голема. Сега над пристапувањето на Кипар се надвива сенка. Ние никогаш не сакавме да примиме поделена земја, а сега токму тоа се случува, со сите негативни последици. Згора на тоа ваквиот исход ќе ги искомпликува непотребно и нашите односи со Турција“ - посочи Ферхојген и додаде дека со ова е упатен и негативен и непосакуван сигнал за целиот регион.

Жалење поради одлуката на грчките Кипрани изрази и координаторот на европската надворешна политкка Хавиер Солана. Тој исто така меѓутоа го поздрави позитивното изјаснување на кипарските Турци, кои оставиле “отворен прозорец за иднината“. Слична е и реакцијата на официјален Вашингтон. Портпаролот на Стејт департментот Ричард Баучер рече: “Пофалба за сите кои се согласија со планот, а особено за турските Кипрани, за нивната храброст и глас за мирот и помирувањето!“