1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипар: Многу работа за обвинителството

ЖА/дпа/ртре/миа1 април 2013

Државното обвинителство на Кипар од утре ќе почне со проверка на обвинувањата според кои политичари и бизнисмени добиле кредити од кипарските банки и ги вратиле само делумно или воопшто не ги вратиле.

https://p.dw.com/p/187fO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Портпарол на кипарското Државно обвинителство за новинската агенција ДПА изјави:„Ни претстои многу работа“.

Освен тоа, посебна комисија составена од судии треба да ја провери точноста на гласините за подигање на големи суми пари од сметките на одделни лица кратко пред повеќедневното затворање на банките. Одлуката за формирање на комисијата ја донесе кипарскиот парламент.

Jавноста во Кипар е шокирана по написите за префрлање огромни суми пари од банки во странство на роднини на кипарскиот претседател, политичари, како и за отпишани долгови на политичари, откако ова го објави весникот Етнос. Според весникот, скандалозниот список е долг и вклучува не само роднини и блиски на претседателот, туку и имиња на политичари и фирми. Имено, роднина на претседателот успеал да префрли 21 милион евра три дена пред кризната средба на Еврогрупата на која беше одобрен економскиот план за спас со кој е предвидено оданочување на банкарски депозити над 100 илјади евра.

Претседателот ги негира написите. Кипарскиот весник Харавги објави дека компанија блиска до претседателот префрлила во два наврата 21 милион евра во две банки во Англија – Барклис и филијала на Банката на Кипар во Велика Британија. Список со имиња на 132 фирми и физички лица кои повлекле депозити од Народната банка објави сајтот Прото тема. Тие префрлале пари 15 дена од 1 до 15 март. Освен тоа, има и такви политичари, државни службеници сегашни и поранешни министри, пратеници и претставници на локална власт чии заеми биле отпишани.

Според Катимерини, Банката на Кипар, Народната банка и Грчката банка отпишале долгови на компании, пратеници и претставници на локална власт од милиони евра во изминатите пет години.

Во списокот се и политичари од речиси сите политички партии. Банката на Кипар отпишала кредит од 2,8 милиони евра на хотел кој е поврзан со политичка партија која беше на власт до минатиот месец и значителен број други кредити.