1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипар зборува за напредок во решавањето на кризата

ЕМФ/ап23 март 2013

Преговорите на Кипар со Тројката напредуваат, тврди кипарскиот министер за финансии Сарис. Тој се надева дека парламентот веќе денеска ќе гласа за пакетот мерки. Претседателот Анастасијадес е подготвен за пат во Брисел.

https://p.dw.com/p/1839K
Фотографија: picture-alliance/ANP XTRA

Владата на Кипар денеска (23.03) изрази увереност дека ќе може да ги оствари сите предуслови за меѓународниот пакет мерки за спас на земјата. Преговорите со таканаречаната Тројка (ЕУ, ЕЦБ и ММФ) донесоа „значаен напредок“, изјави денеска министерот за финансии на Кипар, Михалис Сарис.

Според него, останува да се расчистат уште две-три прашања поврзани со банките. Деловите од планот за санација кои се‘ уште не се договрени би можело да бидат донесени од страна на парламентот во Никозија до вечерва. Притоа, станува збор за ограничено оданочување на банкарските заштеди. Од ваквата мерка, како што нагласи потпретседателот на владејачката партија ДИСИ Авероф Неофиту, сега би требало да бидат погодени само нешто помалку од еден процент од штедачите. Првичниот план на министрите за финансии на евро-државите, кој требаше да ги погоди сите штедачи, беше отфрлен од страна на кипарскиот парламент во вторникот (19.03).

За алтернативниот план, освен Тројката, согласност треба да дадат и министрите за финансии на Еврогрупата. Средбата би требало да се одржи утре попладне. Кипарскиот претседател Никос Анастасијадес треба да присуствува на таа средба во Брисел.