1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинеските фирми ја „освојуваат“ Европа!

1 ноември 2010

Влијанието на Кина во европската економија е во постојан пораст. На земјите од Средна и Источна Европа им требаат пари, што растечката економска сила од Далечниот Исток радо им ги одобрува и тоа под поволни услови.

https://p.dw.com/p/Pqt5
Кинеските фирми влегоа во Грција на „голема врата“Фотографија: DW/Sebastian Müller - Fotolia

За потребите на Европското првенство во фудбал во 2012 владата на Полска реши да го догради автопатот А2 од Варшава до Лоѓ. Минатата есен на јавниот тендер најдобра беше понудата на кинеското претпријатие „China Overseas Engeneering Grоup". Тоа беше прв пат во историјата кинеско претпријатие да победи на конкурсот за голем проект во ЕУ. Цената на изградбата на автопатот беше дури 30% пониска од понудите на другите конкуренти. Овој факт за Европското здружение на градежни фирми беше доказ дека станува збор за нелојална конкуренција, бидејќи кинеското претпријатие добива субвенции од владата во Пекинг.

„Кога нашите претпријатија би добивале 500 милиони долари државни субвенции и тие би можеле да работат поефтино“, се жали Улрих Пецолд, претседател на Европското здружение на градежни фирми.

China Wirtschaft Deutschland Investitionen Technik Siemens Leipzig
Кинеска делегација во посета на фабриката на Сименс во ЛајпцигФотографија: picture alliance/dpa

Дампинг политика?

Кина во меѓувреме успева систематски да ги потиснува европските претпријатија од Средна, Источна и Југоисточна Европа, понекогаш служејќи се со сомнителни средства. Тоа е заклучокот на Одборот за Источна Европа при Здружението на германските претприемачи.

„Кина секако ја искористи кризата на индустријата во Западна Европа за да освои делови од пазарот. Тоа се должи делумно на поволните услови за финансирање што ги добиваат кинеските фирми од тамошните банки со каматни стапки од 1,5 до 2%“, појаснува досегашниот претседател на Одборот, Клаус Манголд.

Голем број зделки

Списокот зделки што ги склучиле кинеските фирми во Европа е долг. Така на пример, кинеските инвеститори стекнаа одлична позиција во Грција, преземајќи го пристаништето во Пиреј, на кое наскоро треба да му се приклучи и она во Солун. Во време кога западните инвеститори беа повоздржани поради финансиската и економската криза во Грција, Кинезите беа многу добродојдени, објаснува Кристос Алексијакис, раководител на грчката Агенција за поттикнување на инвестициите. Тој се надева дека кинескиот ангажман во такви капитални инвестиции ќе им даде нова доверба и интерес за вложување и на другите инвеститори од светот.

China Deutschland Geschäfte Handel Investitionen Flughafen Schwerin-Parchim
Кинеско знаме се вее на аеродромот Шверин-Пархим во Источна Германија по преземањето од кинески бизнисменФотографија: picture alliance/dpa

Експанзија на Балканот

Кина е активна и во Србија, каде го доби договорот за изградба на мост преку Дунав наредната година. Дури 85% од финансиската конструкција за изградбата на мостот ја обезбеди кинеската државна банка за извоз и увоз. Истата го кредитира и градењето кинески бродови во Црна Гора. Во Хрватска Кина е соинвеститор за изградбата на нов аеродром кај Загреб. Во Бугарија се создава слободна трговска зона на Кинезите во близината на Софија. И во соседна Романија кинеските фирми најавија вложувања во користењето на енергијата на ветерот, како и други инфраструктурни проекти. Таму веќе сега се застапени 10.000 кинески фирми. Во Турција пак Кина вложува 28 милиони долари во изградбата на државните железници и тоа на пруга за брзи возови. Таканаречената „Свилена железница“ треба да ги поврзе Истокот и Западот на Турција.

Griechenland China Papandreou Wen Jiabao
Кинескиот и грчкиот премиер Ѓијабао и Папандреу при средбата на почетокот од октомври во АтинаФотографија: AP

Легитимна стратегија?

За интересите што стојат зад ваквите кинески вложувања, познавачот на Кина од Германското друштво за надворешна политика Еберхард Зандшнајдер, оценува:

„Прво станува збор за ресурсите, потоа за отворање нови пазари, а трето и за внимателно стратешко позиционирање. Токму посиромашни земји лесно се одушевуваат од поволните понуди од Кина. Но, тоа не никаква тајна стратегија на Кина!“

Автор: Александра Шерле/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска