Кинеска авто-офанзива преку Бугарија
22 февруари 2012Мала прослава за големиот пробив. Или барем така се надева кинескиот производител на автомобили „Грејт Вол“. Од малото бугарско градче Ловеч, Кинезите се надеваат дека ќе најдат купувачи на компетитивниот европски пазар за нивните автомобили. Двата претходни обиди на кинески производители на автомобили да се пробијат на европскиот пазар, не успеаја. И покрај тоа шефицата на „Грејт Вол“ е оптимист.
„Ние знаеме дека Германија е тежок, компетитивен пазар. Но постојат и други пазарни сегменти во кои нашите производи можат да наидат на интерес, имено таму каде што се бараат ниски цени и добар квалитет. Се разбира тоа би можело да потрае уште долго, уште една или две генерации“, вели Ванг Фенјинг, претседател на Управниот одбор на „Грејт Вол“.
Сепак производните сали засега делуват празни. Засега тука работат само 150 луѓе. Годинава треба да состават околу четири илјади возила. Наскоро бројот на работниците треба да се зголеми за десет пати.
„Грејт Вол“ веќе има искуство со работа на странските пазари. Најголемиот кинески производител веќе има погони во Русија, Украина и други земји.
Овојпат проектот можеби ќе успее. Веќе се продадени 200 автомобили, а реакциите генерално се позитивни. Едно е јасно: во минатото многумина им се потсмеваа и на автомобилите од Јужна Кореја и Јапонија. Но, денес тие се во мнозинство низ европските улици.
Овој текст можете да го проследите и како видео-материјал на нашата интернет-страница.
Автор: Јирген Шнајдер/Б.Георгиевски
Редактор: Александра Трајковска