Кина може ќе се ангажира во стабилизацијата на еврозоната
2 февруари 2012Кинескиот премиер Вен Џијабао на заедничката пресконференција со неговата гостинка во Пекинг, канцеларката Ангела Меркел, истакна дека европската должничка криза мора под итно да се разреши и ја повика меѓународната заедница да соработува во тоа. По разговорите со Меркел во кинескиот главен град Вен Џијабао уште најави дека Пекинг размислува за позасилено вклучување во европските фондови за стабилизација.
Вен Џијабао додаде дека Кина ги поддржува напорите на Европа за стабилизација на заедничката валута- еврото. Тој изјави дека Пекинг ги испитува можностите како да партиципира во актуелниот фонд за стабилизација ЕФСФ и размислува за ангажман во планираниот Европски стабилизациски механизам. Тој меѓутоа не изнесе никакви конретни финансиски детали.
Меркел апелира за доверба во ЕУ
ЕСМ ќе биде траен фонд за помош на земјите од еврозоната западнати во должничка и финансиска криза и неговата вредност ќе изнесува 500 милијарди евра. Тој треба да биде ставен во функција во јули и се очекува да го замени актуелниот привремен фонд ЕФСФ, кој беше искористен за поддршка и спасување од кризата на Ирска и Португалија а треба да биде искористен и во вториот пакет помош за презадолжената Грција.
Германската канцеларка престојува во тридневна посета на Кина, со цел да побара вклучување на земјата во напорите за стабилизирање на еврозоната како и да го увери раководството во Пекинг дека Европа превзема чекори во вистинска насока кога станува збор за должничката криза.
Европа е главен извозен пазар за кинеското стопанство и Пекинг со растечка загриженост ја набљудува ситуацијата со презадолженоста на европските држави и намалувањето на нивниот кредитен рејтинг, постојано апелирајќи до европските лидери да сторат се’ што е можно за надминување на кризата.
Канцеларката Меркел пред средбата со Вен Џијабао во говорот посветен на финансиската и економска политика што го одржа во Академијата за социјални науки во Пекинг апелираше за доверба во Европската унија. „ЕУ мораше да се прилагоди на заострениот натпревар на светските пазари, и еврото ја направи посилна. Бидете уверени дека ЕУ оди по вистинскиот пат“, рече Меркел во говорот одржан непосредно по нејзиното пристигнување во Пекинг.
По денешниот престој во Пекинг , Меркел утре заминува во посета на јужнокинеската економска метропола Кантон. Актуелната посета на Меркел на Кина е петта по ред во својство на германска канцеларка.
Автор: Симе Недевски/ ЖА/дпа/афп/ртр
Редактор: Жана Ацеска