Кина избира ново државно раководство
5 март 2013Во Пекинг денеска започна заседанието на Секинескиот народен конгрес на кој околу три илјади членови на кинескиот парламент треба официјално да го потврдат изборот на новото државно раководство. Премиерот Вен Ѓибао на почетокот на 12 -дневното заседание во Палатата на народите на плоштадот Тјенанмен поднесе извештај за работата на владата.
Вен ги оцени последните пет години како „извонреден период“ набројувајќи ги успесите во областа на истражувањето на вселената и електрониката, како и поставувајќи нови цели за економијата.
Новите кинески челници на функциите треба да останат во следните пет години.
Генералниот секретар на Комунистичката партија на Кина, Си Ѓинпин треба да биде формално избран за претседател на Републиката како наследник на досегашниот шеф на државата Ху Ѓинтао. Ли Кечианг ќе го наследи Ѓибао на премиерската функција. Во годишниот говор за работата на владата, премиерот во заминување најави дека во иднина фокусот нема да биде на раст по секоја цена, туку приоритет ќе имаат социјалните програми. Вен најави дека новото кинеско раководство води внимателна монетарна политика и предвиде раст за тековната 2013 година од 7,5 отсто.
Конгресот се одвива во сенка на бројни случаи на корупција на високи партиски членови. Во јавноста кружат информации дека семејството на Вен поседува богатство во вредност од околу 2,2 милијарди долари. Во говорот, Вен кусо порача дека „властите ќе ја зајакнат борбата против корупцијата“.
Заседанието завршува на 17 март кога наследникот на Вен, Ли Кечианг ќе одржи конференција за печат.