China Hochgeschwindigkeitszüge
26 декември 2009Кина диктира темпо во трката за најмодерни железници, кои ќе му конкурираат и на воздушниот сообраќај - веќе во овие последни денови од годинава треба да се скрати патувањето од Вухан до Гуангжу од десет на само три часа. Трасата е долга илјада километри - никаде во светот нема побрза врска на толку долга патека. За кинеските визии експертот за сообраќај Зун Жанг од универзитетот Тонгѓи од Шангај вели: „Кина отсекогаш имаше еден сон: досега ние увезувавме, бевме заостанати. Наша политика е да донесеме технологија од странство. Технологијата не познава граници“.
Германските претпријатија кои се активни во Кина постојано се поплакуваат дека кинеските деловни партнери и властите бараат целосен увид во технологијата, до последен детал. Во градењето на пругата Вухан - Гуангжу германските фирми играа подредена улога. Сименс испорачува компоненти за брзите возови, склучи и вносна зделка за елементи за 100 возови за релацијата Пекинг - Шангај. Но, се чини, поминаа времињата кога испорачуваше комплетни возови. На почетокот од наредната година треба да биде донесено решението дали кинескиот државен концерн „ЦСР“, заедно со канадската фирма „Бомбардие“ ќе гради пруга супербрзи возови од Канада до Лас Вегас во САД. Кинезите очекуваат големи налози и од Англија - тие се за 20 проценти поевтини од конкуренцијата од Јапонија или од Германија. „Кинеските супербрзи возови имаат предност, оти се мешавина од најдоброто што го нудат странските технологии. Ние ги споредивме сите нив“, вели професор Жанг.
Користејќи го добиеното ноу-хау од странските фирми, Кина ќе го направи наредниот чекор - самата ќе развива возови со брзина до 380 километри на час.
Автор: Астрид Фрајајзен/Зоран Јордановски
Редактор: Александра Трајковска