1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кико де ла Рика - лауреат на годинешниот Манаки

СН/миа21 септември 2013

Шпанскиот кинематографер Кико де ла Рика е добитник на златната „Камера 300“ на 34. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кое синоќа (20.09) заврши во Битола.

https://p.dw.com/p/19lV6
Фотографија: MIA

Годинешниот лауреат на фестивалот во Битола Кико де ла Рика, во чии раце беше камерата во филмот „Снежана“ , изјави дека посакува да биде успешен како неговиот сонародник Хозе Луис Алкаин, кому на свеченото отворање му беше врачена „Златна камера 300“ за животно дело.

Кико де ла Рика вторпат добива високо признание, откако во 1996 година, на почетокот на неговата кариера, на 17-то издание на „Браќа Манаки“ беше награден од тогашното студентско жири за филмот „Скок во празно“.

Меѓународното стручно жири одлучи сребрената „Камера 300“ да ја додели на кинематограферката Виржини Сент Мартен од Белгија, која го снимаше филмот „Танго либре“, додека бронзената „Камера 300“ му припадна на полскиот кинематографер Кшиштов Птак за камерата во филмот „Папуша“.

Традиционално, за време на свеченото затворање, беа доделени и други фестивалски награди - „Мала камера 300“ за кинематографот Хозе Мартин Росете, кој го сними краткиот филм „Глас во заднина“, наградата на општина Битола што се доделува за програмата „Нови визии“ е за филмот „Златен кафез“ на режисерот Диего Квемада- Диез и кинематораферката Марија Секо од Мексико, а награда за најдобро сценарио во висина од 1.000 евра му беше доделена на младиот македонски режисер Ѓорче Ставрески.

На ИФФК „Браќа Манаки“ синоќа беа доделени и специјалните награди „Златна Камера 300“ за особен придонес во светска филмска уметност, а годинешни добитнички на ова високо фестивалско признание се директорката на фотографија Ањес Годар, која истакна дека наградата ја зема како знак дека работата на мажите и жените се изедначува, и актерката Изабел Ипер, која посочи дека фестивалот во Битола е неверојатна прилика за да се слави кинематографијата.

Наградите на светски познатите Французинки им ги врачија директорката на фестивалот Лабина Митевска и министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска, која им приреди и кус прием во хотелот „Епинал“.