1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киднапираните надбискупи во Алепо се ослободени

ЕМФ/ард23 април 2013

Надбискупите на Сириската и на Грчката православна црква во Сирија кои беа грабнати во Алепо, се ослободени, соопшти во Рим асоцијацијата на источни цркви.

https://p.dw.com/p/18LUS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сириската православна црква претходно ги потврди извештаите дека е киднапиран надбискупот од Алепо, Грегориос Јохана Ибрахим и неговиот колега по функција во грчката црква, Булос Јасиџи (на фотографијата горе), кој исто така е на служба во Алепо. Возачот на двајцата надбискупи бил убиен за време на грабнувањето. Надбискупите наводно не се повредени. Инцидентот се случил во регион кој го контролира Слободната сириска армија, јави Сојузното здружение на Арамејците во Германија.

Портпаролот на грчката влада, Симос Кедикоглу, денеска изјави дека шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос водел телефонски разговор со првиот човек на сирискиот опозиционен сојуз, Џорџ Сабра и дека тој му ветил дека надбискупите ќе бидат најдени и ослободени. Ослободување на надбискупите побара и папата Франциско.

Христијаните во Алепо претпоставуваат дека двајцата надбискупи биле киднапирани од група во која има странци и која од страна на опозицијата е осомничена дека соработува тајно со режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Сириската новинска агенција Сана јави дека црковните великодостојници биле грабнати во текот на хуманитарна мисија со селото Кафр Даел.