Кери до иранскиот колега Зариф – санкциите остануваат
2 февруари 2014„Секретарот Кери и министерот Зариф се сретнаа утрово на маргините на Минхенската конференција за безбедност“, информираше Стејт департментот.
Средбата лице в лице дојде пред светските сили да ја одржат следната рунда разговори на 18 февруари за она што се смета дека е нуклеарна програма на Техеран. Иран во минатиот ноември се согласи САД, Велика Британија, Кина, Франција, Русија и Германија да ја проверат неговата нуклеарна програма и таа да се отвори за дополнителни инспекции.
„Секретарот Кери ја повтори важноста двете страни да преговараат во добра волја и Иран да ги почитува своите обврски од ’Заедничкиот план за дејствување’. Тој исто така јасно нагласи дека САД ќе продолжат да ги спроведуваат постоечките санкции“, информира претставник на Стејт департментот.
Во меѓувреме, согласно со постигнатиот договор од 24 ноември 2013 година, Иран ја доби првата транша во вредност од 500 милиони долари од активите, кои се замрзнати во западни банки. Според договорот, на Техеран постепено ќе му бидат вратени вкупни 4,2 милијарди долари, замрзнати на ирански сметки во западни банки. Договорот влезе во сила на 20 јануари оваа година. Иран се согласи да го прекине збогатувањето на ураниум на ниво над пет проценти, а шесте земји, кои ќе ја спроведуваат инспекцијата, тогаш се заложија ОН, ЕУ и САД да не наложуваат нови санкции и да се укинат некои ограничувања.